Православните верници ја празнуваат Лазарова сабота – утре Цветници
Православните христијани денеска ја одбележуваат Лазарова сабота, во спомен на чудесното воскресение на четиридневно упокоениот Лазар од Витанија извршено од Исус Христос. Утре се празнува Цветници – Цветоносна недела, во спомен на свеченото влегување на Исус во Ерусалим, една недела пред Велигден.
Воскресението на Лазар
Според преданието, Исус Христос, дознавајќи дека неговиот пријател Лазар од Витанија е тешко болен, се упатил кон него, но пристигнал четири дена по неговата смрт и погреб.
Сестрите на Лазар, Марта и Марија, го прекориле Исуса дека не дошол навреме. Марта му рекла: „Господи, ако беше Ти овде, немаше да умре брат ми. Но и сега знам што и да посакаш од Бога, Бог ќе ти даде.”
Кога дошол до гробот, Исус го повикал Лазара: „Лазаре, излези надвор”. Лазар веднаш излегол завиткан со платно на рацете и нозете и со крпа околу лицето. Сите присутни поверувале дека Исус е синот Божји.
Воскреснувањето на Лазар претставува предвесник на Христовото воскресение, но и праобраз на општото воскресение на сите луѓе при Второто Христово пришествие.
Цветници – влегувањето на Исус во Ерусалим
По воскреснувањето на Лазар, Исус се упатил кон Ерусалим. Во подножјето на Маслиновата Гора пратил двајца ученици да му донесат магаре, на кое качен влегол во светиот град.
Толкувачите на Светото писмо истакнуваат дека кај источните народи магарето било симбол на мирот, наспроти коњите кои служеле за водење војни.
Воодушевениот народ со цвеќе, врбови гранки и со својата облека го постилал патот и пеел: „Осана на синот Давидов. Благословен е оној кој доаѓа во името Господово. Осана на висините”.
Цветници секогаш се празнува една недела пред Велигден, во спомен на ова свечено влегување.
Лазарски обичаи и песни
Со Лазарева сабота се поврзани повеќе традиционални обичаи. Од раните утрински часови, групи девојчиња облечени во традиционална невестинска облека одат низ населените места и пеат лазарски песни со оптимистична и духовита содржина, посакувајќи здравје, успех и напредок.
Именден празнуваат
Лазар, Лазарка, Лазо, Цветан, Цвета, Лилјана, Калина и сите имиња што произлегуваат од билки.