УСС УКИМ најави плаќање данок на рати за студентите, УЈП не го спомнува тоа во своето соопштение

12

По средбата со директорката на Управата за јавни приходи, Универзитетското студентско собрание при УКИМ најави дека студентите ќе можат да го платат данокот за 2025 година на рати, но УЈП во своето соопштение не спомнува никакво плаќање на рати – туку најавува едукативни обуки за студентите како да ги исполнат даночните обврски.

Две различни пораки по истата средба

Средбата следуваше по јавната критика од студентите за ретроактивната наплата на данок за оние кои работеле преку програмата Work and Travel во Германија.

На состанокот, од страна на УСС УКИМ присуствувале претседателката Ангела Василевска и заменик-претседателот Адам Стојановски.

Додека УСС УКИМ најави дека студентите ќе можат да го платат данокот за 2025 година на рати, без да наведе повеќе детали, УЈП во своето соопштение не спомнува никакво плаќање на рати. Наместо тоа, даночната управа го стави акцентот на организирање обуки и едукација.

УЈП: Обуки од 6 април и работна група

Од УЈП соопштија дека со студентските претставници договориле:

  • Едукативни работилници почнувајќи од 6 април, за запознавање на студентите со нивните обврски и права при сезонска работа во странство
  • Видео материјали и флаери кои ќе бидат дистрибуирани до студентите
  • Дел од материјалите ќе ги изготват самите претставници на УСС УКИМ, доколку има доволна заинтересираност

„Нашата цел е заеднички да градиме здраво општество преку исполнување на даночните обврски и истовремено нашето општество да има исполнителни млади луѓе кои даваат сопствен придонес во заедничките цели”, се вели во соопштението на УЈП.

Можност за поврат на данок од Германија

УЈП информираше дека студентите кои не го искористиле правото на поврат на данок од работата во Германија можат да обезбедат потврда за резидентност и да го остварат правото на поврат на задржаниот данок, согласно договорот за избегнување на двојно оданочување меѓу двете земји.

Идеја за работна група

Претставниците на УСС УКИМ изнеле идеја за формирање работна група која ќе работи на унапредување и поедноставување на процедурите поврзани со оданочувањето на доходите од програмата Work and Travel, со цел студентите полесно и навремено да ги исполнат своите обврски.

 

Македонски