Обвинителката Ленче Ристоска поднесе оставка – „Не гледам простор за работа според принципите”

6

Јавната обвинителка Ленче Ристоска денеска поднесе оставка од обвинителската функција, изразувајќи длабока разочараност од состојбите во Обвинителството. Ристоска обвини дека ѝ биле повлечени овластувања за клучни предмети во завршна фаза и дека нејзината претставка за напад врз нејзиниот интегритет била отфрлена од Советот на јавни обвинители.

Повлечени овластувања за клучни предмети

Ристоска во својата изјава посочи дека две конкретни одлуки донесени оваа недела ја натерале да го направи овој чекор:

  • Советот на јавни обвинители ја отфрлил нејзината претставка за напад врз нејзиниот интегритет и самостојност
  • Државниот јавен обвинител донел одлука за повлекување на нејзините овластувања за застапување во клучни предмети во завршна фаза

„Сметам дека овие одлуки сериозно ја ослабуваат позицијата на јавното обвинителство и носат конкретни ризици за исходот на предмети кои таргетираат висока корупција и криминал”, рече Ристоска.

„Високопрофилни случаи создаваат високопрофилни непријатели”

Во опширната изјава, Ристоска се осврна на целата своја кариера, посочувајќи дека работењето на високопрофилни случаи создавало „високопрофилни непријатели” кои ги користеле своите моќ, влијание и врски за да избегнат одговорност.

„Тоа подразбираше опструкции на различни нивоа, институционални и лични. Низ годините бевте сведоци на многу од тие случувања: влијание врз сведоци, вршење притисоци, менување на законски решенија, чување предмети во фиока и застарување на предмети”, рече таа.

Ристоска потсети дека јавно ги критикувала состојбите во правосудството „без оглед на општествено-политичкиот контекст и без калкулации за последиците по нејзината кариера”.

Кандидатура за државен јавен обвинител

Таа посочи дека сите свои напори сакала да ги заокружи преку кандидатурата за државен јавен обвинител, со јасна визија за институција чија водилка ќе биде јавниот интерес, борбата против корупцијата и криминалот и заштитата на правата на граѓаните.

„Не гледам простор за работа”

Ристоска објасни дека одлуките донесени оваа недела се во директна спротивност со нејзината визија за обвинителство кое работи надвор од политички влијанија, ги штити своите професионалци и го брани јавниот интерес доследно и без селекција.

„Бидејќи не гледам простор за работа во согласност со тие принципи, денес поднесов оставка од функцијата јавен обвинител. Искрена благодарност на сите кои ја препознаа и поддржаа мојата посветеност и борба”, заклучи Ристоска.

Македонски