Иран ја предупредил Бугарија да не дозволува американски воени авиони на нејзините аеродроми

4

Министерството за надворешни работи на Бугарија потврди дека Иран минатиот месец испратил дипломатска нота со која протестира против присуството на американски воени танкери на бугарскиот аеродром „Васил Левски“, предупредувајќи ја членката на НАТО да не им дозволува на САД да ги користат нејзините аеродроми за воени операции против Иран.

Иранска нота од 18 март

Информацијата излезе во јавноста откако бугарскиот пратеник Станислав Балабанов од партијата „Постои таков народ” објави дипломатска нота датирана од 18 март. Во неа, иранската влада протестира против присуството на американски воени танкери стационирани на бугарскиот аеродром „Васил Левски“.

Во нотата, Иран наведува дека „го задржува правото да преземе сите потребни мерки за заштита на својот суверенитет, безбедност и национални интереси во согласност со меѓународното право”.

Бугарија: Не сме во војна

Заменик-министерот за надворешни работи, Марин Рајков, ја потврди автентичноста на нотата, но ги отфрли импликациите.

„Бугарија не е во војна. Ниеден борбен авион не ја користи Бугарија за учество во воени операции. Одржуваме нормални дипломатски односи со Иран”, изјави Рајков за новинарите.

Притисок врз НАТО сојузниците

Иранската нота до Бугарија е уште еден знак дека Техеран го проширува дипломатскиот притисок и врз НАТО сојузниците кои обезбедуваат логистичка поддршка за американските воени операции, обидувајќи се да ги одврати од индиректно учество во конфликтот.

Македонски