Дали премиерот се откажа од ЕУ? Нема уставни промени без гаранции – ќе чекаме други генерации
Премиерот Христијан Мицкоски денеска излезе со најтврдата изјава досега во врска со уставните промени, порачувајќи дека ВМРО-ДПМНЕ нема да се помести „ниту милиметар” без јасни гаранции за евроинтегративниот процес и за правата на македонската заедница во Бугарија. „Ќе чекаме, ако не ние, ќе го пренесеме тоа на оние што нас ќе нè следат. Ако и тие не успеат – и оние што нив ќе ги следат”, рече Мицкоски.
„Без ВМРО-ДПМНЕ таа работа не бидува”
Зборувајќи во Гази Баба, Мицкоски беше категоричен дека партијата нема да влезе во „каква било авантура” околу уставните измени без исполнување на два услови:
- Јасен крај на евроинтегративниот процес
- Гарантирани човекови права на македонската заедница во Бугарија
„Сите во светот треба да знаат, и македонските граѓани, дека таа работа без ВМРО-ДПМНЕ не иде и дека таа работа без ВМРО-ДПМНЕ не бидува. Нема да се поместиме ниту милиметар”, рече премиерот.
Не кондиционал, туку генерациска определба
Мицкоски уште на 29 март изјави дека е подготвен „да чека децении” доколку нема предвидливост и јасен крај на процесот. Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова вчера, на прес-конференцијата со црногорскиот претседател Јаков Милатовиќ, се обиде да ја ублажи реториката, оценувајќи дека изјавата на премиерот била „во условна, кондиционална форма – ‘ако треба'”.
Денешниот настап на Мицкоски, меѓутоа, покажа дека не станува збор за условен говор, туку за јасна и долгорочна политичка определба – тој отворено зборува за пренесување на оваа позиција на идните генерации политичари.
Напад кон СДСМ: „Мекотелни политичари”
Мицкоски повторно остро го нападна СДСМ, обвинувајќи ги дека го „распродаваат македонскиот национален идентитет”.
„Македонскиот идентитет нема простор повеќе да биде распродаван. Јас сум убеден дека по следните парламентарни избори овие мекотелни политичари, кои се дел од мекото ткиво на македонскиот идентитет, ќе заминат во историјата и никогаш повеќе нема да ни се повторат”, рече тој.
Премиерот додаде дека „следбенците на живковизмот во Бугарија” денеска славеле што во Македонија сè уште има вакви политичари, мислејќи на СДСМ, „кои мислат дека на овој начин ќе привлечат некакво внимание”.