Жителите на Ново Лисиче најавуваат протести од 1 април поради зонското паркирање
Жителите на Ново Лисиче најавуваат протести од 1 април доколку Општина Аеродром и Град Скопје не одговорат на нивното барање за одложување на селективното воведување зонско паркирање само во Реонски Центар. Граѓаните тврдат дека институциите го прекршиле предизборното ветување за паралелна имплементација на двете локации и дека актуелниот модел создава дискриминација.
Институциите молчат на барањата
Преку Фејсбук групата „Ново Лисиче”, жителите информираат дека и покрај официјално доставеното барање за паралелна имплементација на зонското паркирање во Ново Лисиче и Реонски Центар, досега немаат добиено никаков одговор од Општина Аеродром и Град Скопје.
„Досегашното одлагање и немање активности на терен во Ново Лисиче не е по вина на граѓаните, туку по вина на институциите”, велат тие.
Прекршено предизборно ветување
Граѓаните потсетуваат дека градоначалниците Дејан Митески (Општина Аеродром) и Орце Ѓорѓиевски (Град Скопје) во предизборниот период јасно ветиле дека зонското паркирање ќе се воведува истовремено на двете локации, токму за да се избегне прелевање на проблемите од едно место на друго.
Десет месеци по изборите, во Ново Лисиче нема обележани паркинг места, нема поставени табли и не е преземена ниту една подготвителна активност.
Дискриминација меѓу жители на иста општина
Во доставеното барање до институциите, граѓаните укажуваат дека актуелниот модел создава нееднаквост меѓу жителите на истата општина:
- Дел од граѓаните имаат право на бесплатно паркирање во цела општина
- Други, иако живеат во непосредна близина, плаќаат за истата услуга
Тие предупредуваат дека ваквата практика претставува дискриминација и создава дополнителен финансиски товар за семејствата, особено при секојдневни активности како транспорт на деца, одење на работа и извршување на основни обврски.
Барање за одложување, не за укинување
Жителите нагласуваат дека не бараат трајно решение или укинување на зонското паркирање, туку привремено одложување додека не се воспостави систем што ќе важи подеднакво за сите.
„Не бараме ништо повеќе од тоа што ни беше ветено – еднаквост и фер решение”, порачуваат тие.
Протести од 1 април
Доколку до крајот на денешниот ден не добијат одговор од надлежните, граѓаните најавуваат дека протестите ќе започнат веќе од 1 април, со дополнителни информации за локацијата и начинот на организирање.
Претходно беа најавени протести и блокади пред Општина Аеродром и Мост Близнаци.