Шест волови од Крива Паланка ја преминале границата и завршиле во Бугарија – проблемот добива меѓудржавна димензија
Долгогодишниот проблем со неконтролираното движење на добиток во Кривопаланечко излезе надвор од локалните рамки – шест волови ја преминале границата кај Ѓуешево и завршиле на бугарска територија, каде што биле заловени и сместени во привремен сточарски објект. За случајот постапуваат бугарските власти во координација со македонските служби.
Волови без надзор стигнале до Бугарија
Според објавените информации, шест волови од Македонија неконтролирано ја преминале границата кај граничниот премин Ѓуешево и биле заловени на бугарска територија. Животните се сместени во привремен сточарски објект, а регионална комисија треба да одлучи за нивната понатамошна судбина.
Случајот отвора сериозни административни и ветеринарни дилеми, бидејќи секое прекугранично движење на добиток подразбира строги правила, контроли и одговорност – процедури кои не можат да се решаваат откако инцидентот веќе настанал.
Проблем стар и по 15 години
Настанот доаѓа само неколку недели откако јавноста повторно беше алармирана за долготрајниот проблем со слободното движење на говеда во Кривопаланечко.
Жителите на овој регион претходно протестираа и предупредуваа дека со години им се уништуваат ниви, дворови и посеви, додека институциите не успеваат трајно да го решат проблемот. Дел од медиумските извештаи зборуваат за проблем кој трае повеќе од 15 години.
Институционален пропуст што веќе не може да се игнорира
Суштинското прашање што го отвора овој случај не е само чиј е добитокот, туку и кој дозволил ситуацијата да дојде до точка во која животни без надзор преминуваат во соседна држава.
Откако слободно движење на говеда со години беше симбол на неред и институционална нефункционалност во Крива Паланка, сега проблемот прерасна во граничен инцидент кој бара координација меѓу две држави.
Додека комисиите одлучуваат за судбината на шесте животни, суштинското прашање останува без одговор: кој ќе одговара што добиток од Македонија без каква било контрола завршува преку граница.