Ревизија: Над 129 милиони денари од изборниот буџет биле пренасочени кон политичко рекламирање

9

Државниот завод за ревизија утврди дека при спроведувањето на изборите во 2024 година, над 129 милиони денари од буџетот наменет за изборни активности биле пренасочени кон трошоци за платено политичко рекламирање, спротивно на законски утврдениот сооднос, покажува ревизијата на работењето на Државната изборна комисија.

Наместо 33 – планирани 50 отсто за политичко рекламирање

Според наодите на ревизијата, распределбата на буџетските средства за изборите не била во согласност со членот 88 од Изборниот законик, кој пропишува јасен сооднос на трошење.

Законската и фактичката распределба изгледа вака:

Намена Законски сооднос Планирано Одобрено
Платено политичко рекламирање 33,33% 50% 43%
Останати изборни дејствија 66,67% 50% 57%

Ваквата состојба резултирала со прелевање на 129.453.000 денари наменети за останати изборни дејствија кон исплата на трошоци за платено политичко рекламирање на учесниците во изборните кампањи.

Ревизорите со сериозни забелешки

Ревизорите посочуваат дека ваквото пренасочување на значителен дел од средствата отвора сериозни дилеми за транспарентноста и оправданоста на трошењето јавни пари во изборниот процес, а може да влијае и врз рамнотежата и интегритетот на изборите.

Низа системски слабости во работењето на ДИК

Покрај пренасочувањето на средствата, ревизијата утврди и други сериозни неправилности во работењето на Државната изборна комисија:

  • Пописот на средствата и обврските не е извршен согласно законските и подзаконските акти
  • Не е извршена процена на вредноста на дел од недвижностите
  • Ненавремено и некомплетно доставување на документацијата за трошоците за изборните дејствија на изборните органи
  • Не е назначен генерален секретар
  • Набавени се стоки и услуги без спроведена постапка за јавна набавка
  • Недоследна примена на Законот за јавни набавки при набавката на софтверското решение за сумирање и објава на изборните резултати

Препораки за системски промени

Ревизијата дава препораки за појасно уредување на моделот за финансирање на изборите и доследно почитување на законските одредби во иднина, со цел да се обезбеди поголема транспарентност и отчетност во трошењето на јавните средства наменети за изборниот процес.

Македонски