Пишман Влада: Утре се носат итни мерки за ублажување на ценовниот шок кај горивата
После сите уверувања на Владата од почетокот на воената криза на Блискиот исток дека промената на цените е „незначителна“ и дека нема да влијае врз стандардот на граѓаните сепак Владата на Република Северна Македонија за утре напладне закажа вонредна седница на која ќе бидат усвоени итни мерки за заштита на животниот стандард и ублажување на драстичниот раст на цените на нафтените деривати, предизвикан од воениот конфликт во Иран и нестабилноста на светските берзи.
Како што брифираат владини извори, целта на седницата, која е закажана за 12:00 часот, е да се превенира дополнителен ценовен удар врз граѓаните и стопанството, со оглед на очекувањата за ново поскапување на дизелот и бензините веќе од понеделник.
Цените на светските нафтени берзи растат, што неизбежно ќе се одрази на домашната малопродажна цена. Иако во моментов горивата во земјава се меѓу најевтините во регионот, трендот на раст налага итна реакција. Затоа Владата ќе донесе вонредни мерки за борба против високите цени и ублажување на ценовниот скок, информираат од Владата.
Рекорден раст на цените
Потребата од итна интервенција доаѓа откако Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ) со последните корекции драстично ги зголеми цените. Само во последниот период, цената на дизелот скокна за 21 денар, додека бензините поскапеа за 12 денари по литар.
Според одлуката на РКЕ од 16 март, највисоките малопродажни цени изнесуваат:
- Еуросупер БС-95: 86,5 денари/литар
- Еуросупер БС-98: 88,5 денари/литар
- Дизел гориво: 92 денари/литар
И покрај ваквите максимални цени, дел од нафтените компании од 18 март самоиницијативно одлучија да точат гориво по цени пониски за два денари од утврдениот максимум, во обид да го амортизираат ударот врз потрошувачите.
Регионот веќе реагира со намалување на акцизите
Земјите од опкружувањето веќе повлекоа конкретни потези за спречување на ценовните шокови, главно преку интервенција во даночната политика.
Владата на Црна Гора во петокот објави пакет „максимални мерки“, кои вклучуваат намалување на акцизите за евродизелот за 50 отсто, а за бензините за 25 отсто.
Сличен чекор најави и Србија. По седницата на Советот за национална безбедност, претседателот Александар Вучиќ на 20 март соопшти дека државата ќе ги намали акцизите на нафтените деривати за 40 проценти, со цел да се заштити домашната економија од последиците на глобалната енергетска криза.
Се очекува и македонската Влада утре да излезе со сличен модел на мерки кои ќе стапат на сила во најкраток можен рок.