Трговците веќе кревaат цени: Јајцата поскапеле до 15%, маслото до 5% — граѓаните бараат итна реакција на Владата
Иако наглото поскапување на горивата допрва треба да се прелее во економијата, дел од трговците веќе почнаа со зголемување на цените. Контролите на Државниот пазарен инспекторат покажуваат поскапување на јајцата за 5 до 10 отсто и на маслото за јадење до 5 отсто, додека нашата новинарска екипа забележа зголемувања и до 15 отсто.
Граѓаните незадоволни: Продаваат по стара набавна цена, а наплаќаат по нова
Во денешната обиколка по неколку маркети во Скопје, новинарската екипа забележа зголемени цени кај јајцата и маслото, на некои места за дури 15 отсто. Се најавува и поскапување на земјоделските производи.
„Не е фер производите што ги набавиле по стара цена, сега да ни ги продаваат по покачена”, изјави еден скопјанец, загрижен дека трговците ќе сакаат да профитираат и таму каде што не треба, што може да доведе до дополнителна инфлација и криза.
Глобалната криза ги притиска цените
Потребата од итна реакција е особено актуелна по синоќешните напади од Иран врз најголемиот светски центар за природен гас во Катар и претходните израелски напади врз најголемото иранско нафтено поле, по што цените на горивата во Европа се зголемија за 25 до 30 отсто.
На глобалните случувања не може да се влијае директно, но со конкретни домашни мерки ценовното цунами може да се ублажи.
Димитриеска Кочоска: Нема основ за рестриктивни мерки
Министерката за финансии, Гордана Димитриеска Кочоска, синоќа изјави дека во моментов нема недостиг на нафта и нафтени деривати, ниту значајни ценовни шокови како директна последица на кризата.
„Граѓаните можат непречено да се снабдуваат со гориво, што значи дека нема основ за воведување рестриктивни мерки. Цените и понатаму се пониски во споредба со дел од регионот. Затоа не можеме механички да ги преземаме мерките од други земји без да ја земеме предвид нашата реална состојба”, рече министерката.
Инспекцијата на терен: Нема значајни промени
Во однос на зголемувањата на цените во маркетите, Димитриеска Кочоска информираше дека на дневна основа функционираат повеќе од 30 инспекциски тимови кои ги следат состојбите низ целата држава.
„Во најголем дел од компаниите, било да станува збор за производители, дистрибутери или супермаркети, може да констатираме дека на терен значајна промена во однос на цените нема”, изјави министерката.