Социјалистичката партија по апсењето на Анакиев: Очекуваме владеење на правото и одговорност без селективност
Социјалистичката партија на Македонија (СПМ), членка на владината коалиција, реагираше по синоќешното апсење на потпретседателот Васе Анакиев, директор на Државниот инспекторат за земјоделство, поради сомневање за примање мито од околу 50.000 евра.
Партијата ја истакнува определбата за чесно и одговорно работење на сите државни органи и институции и изразува очекување од новата власт дека ќе воспостави владеење на правото и правна држава со целосна одговорност на секој поединец и институција.
Истовремено, СПМ жестоко се спротивставува на нападното партиско етикетирање во тековните случаи со сериозни обвиненија и на тенденциозното објавување фотографии со кои се гази човековото достоинство.
„Социјалистичката партија на Македонија ги повикува надлежните институции да постапуваат според закон, одговорно и без селективност да ги превземаат сите активности во разоткривањето на било кој случај за кој постојат основани сомненија за сторен криминал или злоупотреба на службената должност. Почитувањето и примената на законот исклучува селективност или пристрасност и обезбедува праведност“, се наведува во партиското соопштение.