Исламските верници го слават Рамазан Бајрам — Реисул Улема Фетаи: Ден на помирување и зближување
Верниците од исламска вероисповед во земјава и ширум светот денес го слават Рамазан Бајрам — еден од петте столбови на исламот и празник за духовно и телесно прочистување, кој доаѓа по едномесечниот строг пост.
Утрински намаз и посета на гробиштата
Рамазан Бајрам го означува крајот на месецот Рамазан, деветиот месец во исламскиот календар, во кој верниците се воздржуваа од храна и пијалоци од зора до зајдисонце. Во сите џамии низ земјата денес е служен утрински Бајрам-намаз, по кој верниците традиционално ги посетуваат гробиштата на своите роднини.
Рамазан е месецот кога првите стихови од Куранот му биле откриени на пророкот Мухамед пред повеќе од 1.400 години. Во текот на постот, муслиманските верници се обврзани да даваат садакатул-фитр — милостина на сиромашните, која треба да се даде пред утринскиот Бајрам-намаз.
Честитка од Реисул Улема Фетаи
Поглаварот на Исламската верска заедница, Реисул Улема Шаќир Фетаи, упати честитка до верниците со желби да им бидат прифатени постот, молитвите и добрите дела.
„Фитр Бајрам е ден на помирување и зближување. Тоа е ден кога треба да ги отвориме нашите срца, да си простиме еден на друг и да ги зацврстиме семејните и општествените врски. Посетите, честитките и насмевките што ги разменуваме денес се знак на убавите вредности што исламот ги негува меѓу нас”, порача Фетаи.
„Триумфиравме над егоизмот и материјализмот”
Фетаи истакна дека во текот на Рамазан верниците покажале силна посветеност кон подигнување на достоинството во сите аспекти — верски, хуман, интелектуален и општествен.
„Во текот на целиот месец Рамазан ја покажавме нашата мудрост, зрелост, мир и непоколеблива солидарност. Се радуваме што триумфиравме над деструктивноста, материјализмот, егоизмот и љубомората. Со тоа му испративме порака на светот дека моралните вредности се највисоката цел на човечката активност”, изјави поглаварот на ИВЗ.
Тој повика на поголема грижа кон човекот и почитување на човечките вредности, нагласувајќи дека мирот негуван за време на Рамазан е повик човештвото да се посвети на избегнување на војни, масакри и геноциди.
„Да го искористиме овој празник за да размислиме за самите себе и да продолжиме по патот на добрината што го започнавме во Рамазан. Да бидеме луѓе на мирот, правдата и солидарноста”, заклучи Фетаи.