Армиски синдикат: Додека министерот промовира реновирања, 90% од војниците живеат во руинирани објекти стари 35 години

19

Независниот синдикат на професионални војници тврди дека промоцијата на реновирани објекти во касарната „Јане Сандански” во Штип е ПР кампања која ја маскира вистинската состојба — војниците во најголем дел престојуваат во објекти од времето на ЈНА кои со децении не се обновени.

„Лебарки се шетаат по лебот”

Претседателот на Независниот синдикат на професионални војници, Александар Насковски, упати остри критики кон актуелното раководство на Министерството за одбрана, тврдејќи дека состојбата во касарните е катастрофална.

„Погледнете ги објектите изградени од поранешната ЈНА — во нив престојуваат 90 отсто од професионалните војници, а 35 години не е ставена ниту една шајка. Погледнете ја хигиената и условите за исхрана во најголемата кујна во најголемата касарна во Македонија, каде лебарки се шетаат по лебот кој се дели на војниците”, изјави Насковски.

Обнова само на неколку објекти наспроти стотици запуштени

Од синдикатот посочуваат дека министерот за одбрана наместо системска обнова, нарачал ПР кампања по касарните за да се создаде привид на модернизација. Според нив, реалноста е дека се обновени само неколку објекти во касарната „Јане Сандански” во Штип, додека низ земјата има уште десет касарни и стотици објекти кои бараат итна реновација.

„И покрај најголемиот буџет досега наменет за Армијата, министерот се фали со таканаречена модерна инфраструктура, а станува збор за обнова на само неколку објекти”, нагласуваат од синдикатот.

Критики по појавата на шуга и нехигиенски услови

Синдикатот тврди дека кампањата за промоција на реновираните објекти е директен одговор на нивните претходни јавни критики за состојбата во Армијата. Меѓу проблемите кои ги изнеле во јавноста се:

  • Катастрофална хигиена во касарните
  • Појава на шуга во касарната во Велес
  • Стари и нечисти кебиња и перници со кои располагаат војниците

Од Независниот синдикат на професионални војници порачуваат дека ќе продолжат јавно да ја изнесуваат реалната состојба во која работат и живеат припадниците на Армијата.

Македонски