Навивачката група „Војводи” ги демантира наводите за инцидент во Тетово: Станува збор за тенденциозни дезинформации

225

Навивачката група „Војводи“ најостро ги демантира информациите кои во текот на денешниот ден беа пласирани од одредени медиуми во врска со наводен инцидент во центарот на Тетово, во кој наводно била вмешана поголема група лица.

Јавно и недвосмислено истакнуваме дека ниту во саботата, ниту во неделата се случил каков било инцидент каков што се обидуваат да го прикажат поединечни медиуми. Станува збор за целосно непроверени и тенденциозни информации со кои се манипулира јавноста и се создава лажна слика за настани кои воопшто не се случиле.

Како група која директно се споменува и се поврзува со овие наводи, нема да дозволиме нашето име да се злоупотребува за ширење шпекулации и лажни вести, ниту пак да се користи како средство за поттикнување на меѓуетнички тензии.

Ги повикуваме надлежните институции во најкраток можен рок целосно да го расветлат случајот и јавно да ги презентираат фактите, со цел еднаш засекогаш да се стави крај на дезинформациите што се шират во јавноста.

Воедно, апелираме до медиумите да покажат одговорност и професионалност и да се воздржат од објавување непроверени информации кои можат да предизвикаат сериозни последици во општеството.

До јавноста упатуваме јасен апел да не потпаѓа под влијание на вакви лажни вести и манипулации. Ширењето дезинформации не придонесува за ништо друго освен за создавање непотребни тензии и нарушување на мирот.

Навивачката група „Војводи“ секогаш стоела и ќе стои зад вистината.

Македонски