ССМ пред големиот протест во Скопје: Бараат минимална плата од 600 евра и зголемување на сите плати за 100 евра
Сојузот на синдикати на Македонија (ССМ) во 12:05 часот ќе го започне големиот протест во Скопје, со барање за зголемување на минималната плата на 600 евра и на сите други плати за 100 евра.
Протестот ќе започне од зградата на Работничкиот дом и се движи по истата траса како на претходниот протест на 28 јануари, но овој пат со учество на работници од цела држава.
Барањата на ССМ
Претседателот на ССМ, Слободан Трендафилов, на прес-конференција пред протестот изјави дека барањето за зголемување на минималната плата за 200 евра е оправдано затоа што работниците во Македонија тонат во сиромаштија.
„Околу 160.000 работници според податоците на Управата за јавни приходи имаат плата под прагот на сиромаштијата или под 31.200 денари”, истакна Трендафилов.
ССМ посочува дека во последните две години синдикалната потрошувачка кошничка е зголемена за повеќе од 10.000 денари, наспроти усогласувањето на минималната плата од 1.600 денари што го ветува Владата.
Контекст и претходни протести
Денешниот протест следи откако ССМ претходно организираше масовен протест на 28 јануари и блокади на институциите барајќи зголемување на платите поради зголемените трошоци за живот.
Синдикатот посочува и на можни нови поскапувања по случувањата на Блискиот Исток, што дополнително ги зголемува трошоците за живот.
Ставот на Владата
Владата останува на ставот минималната плата да се зголеми само за 1.600 денари според законското усогласување, а за интерветно зголемување да се усогласат синдикатите и работодавачите.
Премиерот Христијан Мицкоски и владејачката ВМРО-ДПМНЕ, сметаат дека протестот е политички.
Поради протестот, за сообраќај е затворен центарот на Скопје.