Една година од трагедијата во „Пулс”: Кочани со верски обреди, спортски настани и симболични инсталации ги одбележува 63-те жртви

16

По повод првата годишнина од трагичниот пожар во дискотеката „Пулс” во Кочани, во кој загинаа 63 млади лица, денес и утре ќе се одржат верски обреди, спортски и културни активности во чест на жртвите.

Литургија и парастос во чест на загинатите

Одбележувањето започнува денес во црквата „Св. великомаченик Георгиј” во Кочани, каде што од 8:00 часот ќе се одржи литургија за упокоените, а во 9:30 часот ќе се служи општ парастос за жртвите од пожарот.

Со верските обреди ќе чиноначалствуваат архиепископот охридски и македонски, Неговото блаженство г.г. Стефан, и митрополитот на Брегалничката епархија, Неговото високопреосвештенство г. Иларион.

Спортски и културни активности во чест на жртвите

За утре се предвидени повеќе спортски и културни настани:

  • Рекреативна трка и велосипедска тура на релација Штип – Кочани во чест на загинатите 63 млади лица
  • Првиот меморијален планинарски марш „Ивона Антова и 63 ангели” на Пониква
  • Кошаркарски турнир меѓу повредените во трагедијата, кој ќе се одржи во спортската сала кај Гимназијата во Кочани

Централно одбележување на 16 март

На самиот датум од трагедијата, 16 март, пред објектот „Пулс” ќе се одржи централниот настан „Светлина што останува”.

Во Паркот на револуцијата во Кочани ќе биде поставена симболичната инсталација „63 бели столчиња – 63 животи”, заедно со муралот „Ѕид на сеќавање”, посветен на жртвите.

Потсетување: Пожарот во ноќниот клуб „Пулс” во Кочани се случи на 16 март 2025 година во 02:35 часот по полноќ. Во трагедијата загинаа 63 млади лица, а над 200 беа повредени.

Македонски