ОКТА обезбеди попуст од 2 денари по литар гориво до крајот на месецот — поддршката за пазарот вредна околу 2 милиони евра
Од денес до крајот на март, трговците кои набавуваат горива од ОКТА ќе добиваат попуст од 2 денари по литар за дизел и бензини, со очекување оваа поддршка да се рефлектира и врз крајните цени за потрошувачите.
Од компанијата информираат дека со овој попуст на големопродажните и малопродажните партнери им се овозможува дополнителна флексибилност поддршката да ја пренесат во цените што ги нудат на крајните корисници.
Зајакнато снабдување преку „ВАРДАКС“
Иницијативата е резултат на успешниот прием на дополнителни количини гориво преку продуктоводот ВАРДАКС, со што значително се зајакнува капацитетот за снабдување на земјата. Врз основа на очекуваните количини што треба да се пласираат на домашниот пазар до крајот на март, од ОКТА проценуваат дека вкупниот придонес за поддршка на пазарот ќе изнесува околу 2 милиони евра.
Главниот извршен директор на ОКТА, Димитриос Пасхос, истакна дека компанијата презема конкретни чекори за стабилизација на пазарот во период на зголемени енергетски предизвици.
„Препознавајќи ги предизвиците во енергетскиот сектор што ги донесе актуелната состојба, ОКТА презема конкретни чекори за поддршка на пазарот и потрошувачите. Зајакнувањето на снабдувањето преку продуктоводот ВАРДАКС игра значајна улога во обезбедувањето стабилност и континуитет во снабдувањето со горива низ целата земја”, порача Пасхос.
Божиновска: Клучен чекор за енергетската безбедност
На заедничката прес-конференција, министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска, оцени дека зајакнатото снабдување преку ВАРДАКС е значаен чекор за енергетската сигурност на државата.
„Во период кога меѓународните енергетски пазари остануваат непредвидливи, а цените се под влијание на глобалните случувања, обезбедувањето сигурно снабдување и стабилност за граѓаните и бизнисите претставува клучен приоритет на Владата. Зголемениот капацитет на продуктоводот придонесува за зајакнување на енергетската инфраструктура и ја зацврстува позицијата на Северна Македонија во рамките на регионалната енергетска мрежа”, изјави Божиновска.
Министерката додаде дека ваквите иницијативи се од особена важност за стабилизирање на пазарот и за намалување на притисокот врз граѓаните и компаниите.