ССМ ги повика работниците на протест утре во Скопје: Бараме минимална плата од 600 евра и зголемување на сите плати за 6.000 денари

10

Претседателот на Сојузот на синдикатите на Македонија (ССМ), Слободан Трендафилов, на денешната прес-конференција упати апел до сите работници утре да се соберат во Скопје за да се изборат за повисоки плати.

Трендафилов ги повика работниците масовно да излезат на улиците на главниот град со две клучни барања — воведување минимална плата од 600 евра и линеарно зголемување на платите на сите вработени за 6.000 денари.

Синдикалниот лидер упати остри критики кон актуелната економска состојба во земјата, оценувајќи дека работниците живеат во сиромаштија додека работодавачите и властите уживаат привилегии.

„Живееме како сиромашни работници со богати газди и со уште побогати во Владата. Ве повикуваме да ги поддржите вашите семејства, вашите деца и внуци, да излезете на улица и да им покажете дека сакате вашата плата да се зголеми”, порача Трендафилов.

Од ССМ очекуваат масовен одзив на работниците од целата држава, со цел да се изврши притисок врз Владата и работодавачите за подобрување на животниот стандард на вработените.

Македонски