Вучиќ: Србија се подготвува за евентуален напад од Хрватска, Албанија и Косово – располагаме со доволно сила за одвраќање
Српскиот претседател Александар Вучиќ изјави дека верува оти воениот сојуз меѓу Хрватска, Албанија и Косово е насочен против Србија, но ги увери граѓаните дека земјата располага со доволен воен капацитет за одвраќање на секоја потенцијална закана.
Гостувајќи во програма во живо на Радио-телевизија Србија (РТС), остро реагираше на формирањето на воениот сојуз меѓу Хрватска, Албанија и, како што тој го нарече, „таканареченото Косово”, оценувајќи дека овој сојуз претставува директна подготовка за потенцијален напад врз Србија.
„Чекаат поволен момент за напад”
Според Вучиќ, овие земји чекаат момент на поширока глобална нестабилност — поголем конфликт меѓу Европа и Русија или ескалација на Блискиот Исток — за да го искористат хаосот за воена акција против Србија.
„Сè што правиме, го правиме за да ја одбраниме нашата земја. Не можеме да ги напаѓаме земјите од НАТО — Албанија и Хрватска се дел од Алијансата — но ова се нивните намери”, нагласи Вучиќ.
Сепак, српскиот претседател ги увери граѓаните дека немаат причина за загриженост.
„Србија има доволно сила за одвраќање за сите три ентитети — две држави и еден ентитет, што и да е тој. Граѓаните на Србија можат мирно да спијат. Тие нема да нè нападнат затоа што знаат каков би бил одговорот”, порача Вучиќ.
Вучиќ ги откри воените капацитети: Ракети со дострел до 400 километри
Во необичаен потег, претседателот јавно зборуваше за воените капацитети на Србија, откривајќи дека српската армија располага со ракети „воздух-земја” со разорна моќ, кои можат да тежат до 950 килограми и имаат дострел до 400 километри.
„Имаме значителен број од овие ракети и ќе набавуваме уште. Истите беа користени во конфликтот меѓу Пакистан и Индија, каде што успешно го уништија радарскиот систем С-400 и францускиот радар”, истакна Вучиќ.
Тој појасни дека станува збор за кинеско оружје кое е интегрирано на руските борбени авиони МиГ-29 со кои располага српското воено воздухопловство.
„Интегриравме кинески ракети на рускиот борбен авион МиГ-29. Тоа се најдобро опремените МиГ-ови во Европа. Ракетите се исклучително скапи, но добивме попуст од Кина”, рече Вучиќ.
Реакции од Загреб: Пленковиќ најави информирање на НАТО
Изјавите на Вучиќ предизвикаа моментална реакција од официјален Загреб. Хрватскиот премиер Андреј Пленковиќ потврди дека Хрватска ги следи процесите на вооружување во Србија и најави дека за ова ќе ги информира сојузниците во НАТО.
„Не очекуваме дека поседувањето такво сериозно оружје би довело до негова употреба против соседните земји, Хрватска или некоја друга. Но, ќе разговараме со нашите партнери и ќе ги предупредиме за ова наоружување, кое е новина во арсеналот на Војската на Србија”, изјави Пленковиќ.
Хрватските медиуми претходно објавија фотографии на ракета „воздух-земја” монтирана на повеќенаменски борбен авион МиГ-29 на српското воено воздухопловство, за кои се верува дека станува збор за суперсонични квази-балистички ракети CM-400 од кинеско производство, со дострел од најмалку 250 километри.
Потпретседателот на хрватската Влада и министер за одбрана Иван Анушиќ оцени дека станува збор за „опасно оружје”, изразувајќи надеж дека никогаш нема да биде употребено.