Сабриу: Правда за жените значи систем што се прилагодува на преживеаните од родово базирано насилство

5

Во текот на оваа недела, Сабриу учествува на повеќе настани, на кои има можност да ги презентира политиките и посветеноста на Северна Македонија за унапредување на родовата еднаквост и зајакнување на улогата на жените во општеството.

Во своето излагањето на панел-дискусијата насловена „Зајакнување на пристапот на жените до правда: пристап насочен кон преживеаните од родово базирано насилство (РБН)”, Сабриу говорел за институционалните и правните рамки во Македонија насочени кон обезбедување правда за преживеаните од родово базирано насилство.

„Тој се осврна на мултисекторскиот систем за заштита на жртвите од родово базирано и семејно насилство, во кој активно учествуваат надлежните институции, судските органи и граѓанските организации. Посебен акцент беше ставен на партнерствата со граѓанскиот сектор, стратегиите за обезбедување одржливост на услугите, нивното поврзување со социјалните и економските услуги, како и на координираната соработка меѓу судовите и социјалните служби со цел долгорочна заштита и реинтеграција на преживеаните“, велат од Министерството.

Сабриу порачал и дека промовирањето инклузивна и правична правда бара повеќе од формални гаранции. Потребно е, вели,  законите, институциите и постапките ефикасно да одговорат на реалните искуства на жените и девојките во сета нивна различност.

Тој посочил дека усогласувањето со меѓународните стандарди, вклучително и обврските што произлегуваат од Истанбулската конвенција, поставува јасна основа за делување, но оти вистинската ефикасност се мери преку имплементацијата.

„Ефикасноста се мери преку имплементацијата – преку координација, професионалност и доверба во институциите“, истакнал Сабриу.

Тој нагласил дека мултисекторскиот пристап претставува единствен одржлив модел за заштита на преживеаните.

„Кога полицијата, центрите за социјална работа, судовите, обвинителството, здравствените институции и граѓанските организации постапуваат координирано, системот станува предвидлив и безбеден за преживеаната. Интегрираните услуги, лиценцирањето на давателите на услуги, стандардизираната проценка на ризик и управувањето со случаи се конкретни чекори кон систем кој функционира“, нагласил Сабриу.

Според него, пристапот насочен кон преживеаните подразбира дека безбедноста, економската независност и социјалната реинтеграција се подеднакво важни, како и судската заштита.

„Затоа нашата заедничка обврска е јасна: институции што постапуваат со должно внимание, одржливо финансирање на услугите, инвестиции во економската автономија на преживеаните и општество во кое пријавувањето не значи ризик, туку заштита“, истакнал Сабриу.

Тој додал дека пристапот насочен кон преживеаните не е само методологија, туку и вредносна определба, како и оти тоа значи дека системот не бара од жената да се приспособи кон институциите – туку институциите се приспособуваат кон нејзините потреби. 

Македонски