Европскиот парламент усвои стратегија за проширување: Цената на непроширувањето е поголема од цената на приемот

10

Европскиот парламент вчера со 385 гласа „за” усвои стратегија за проширување на ЕУ во која се оценува дека проширувањето е стратешки одговор на променливата геополитичка реалност и витална инвестиција во безбедноста и стабилноста на Унијата. Според документот, цената на непроширувањето би ја надминала цената на придружувањето, бидејќи би ризикувало создавање геополитички сиви зони подложни на антагонистичко странско влијание.

Проширување засновано на заслуги, без кратенки

За извештајот гласале 385 европски пратеници, против биле 147, додека 98 биле воздржани.

Во документот јасно се нагласува дека членството во ЕУ мора да остане засновано на заслуги, а процесот реверзибилен. Ниту една земја не смее да се третира како дел од пакет, а европските пратеници порачуваат дека нема кратенки во поглед на вредностите и темелните принципи.

„Владеењето на правото, демократските реформи, слободата на медиумите, правата на малцинствата, независноста на правосудството и борбата против корупцијата мора да останат во прв план на процесот на проширување, со одржлива поддршка на граѓанското општество”, стои во документот.

Црна Гора и Албанија со амбициозни цели

Извештајот посочува дека Црна Гора и Албанија веќе поставиле амбициозни цели за завршување на преговорите за пристапување до крајот на 2026, односно 2027 година. ЕУ е повикана да ги охрабри овие земји кога амбициите ќе бидат придружени со опипливи реформи, а Советот на ЕУ да ги отстрани сите пречки кои постојат на страната на Унијата.

Се повикува и на побрзо отворање на преговарачките кластери со Украина и Молдавија.

Внатрешни реформи пред проширувањето

Авторот на нацрт-извештајот, пратеникот Петрас Ауштревичиус, нагласи дека проширувањето мора да оди паралелно со внатрешни реформи на Унијата.

„Проширувањето на ЕУ мора да оди рака под рака со внатрешните реформи за да се заштити функционирањето на ЕУ и да се подобрат процесите на донесување одлуки, вклучувајќи поголема употреба на гласање со квалификувано мнозинство. ЕУ мора да ги заврши овие реформи до моментот кога кандидатите ќе ги исполнат критериумите за членство”, рече Ауштревичиус.

Усогласеност со надворешната политика – клучен показател

Документот ја подвлекува неопходноста од усогласување на земјите кандидати со заедничката надворешна и безбедносна политика на ЕУ, што се оценува како „клучен показател за геостратешката ориентација”.

Пратениците забележуваат дека најзагрижувачкото демократско назадување се случува токму во земјите со најниска усогласеност со европската политика на санкции, како и во оние каде процесот на пристапување е ефективно во застој.

Комесарка Кос: „Нема тројански коњи”

Европската комесарка Марта Кос, на расправата пред гласањето, упати директна порака.

„Нема тројански коњи. Земјите кои би нè поткопале одвнатре не можат да станат членки на ЕУ. Мораме да бидеме апсолутно сигурни во тоа. Земјите кои се придружуваат мора да бидат силни и отпорни демократии, способни да му се спротивстават на токсичното влијание на Русија и на другите”, рече Кос.

Македонски