Почина актерот Кирил Поп Христов-Кили на 58-годишна возраст
Актерот Кирил Поп Христов-Кили почина вчера во Еквадор, каде што живееше последните години. Имаше 58 години. Веста за неговата смрт на браќата во Скопје им ја соопштила неговата сопруга, кореографката Гордана Деан Поп-Христова.
Две децении на сцената на МНТ
Кирил Поп Христов е роден на 30 јули 1967 година во Скопје. Дипломирал на Факултетот за драмски уметности при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј” во Скопје, на отсекот за актерска игра, во класата на професорот Љубиша Георгиевски, во 1989 година.
Од 1993 до 2014 година работеше во Македонскиот народен театар, каде остави значаен творечки белег со улоги во бројни претстави, меѓу кои „Ослободување на Скопје”, „Ревизор”, „Народен пратеник” и други.
Улоги во македонскиот филм
Поп Христов глумеше и во неколку македонски филмски остварувања, меѓу кои „Панкот не е мртов”, „Бал-кан-кан” и „Тетовирање”.
Последните години во Еквадор
Актерот се пресели во Еквадор во 2014 година. Иако често доаѓаше во Скопје, последната година и половина ја поминал во Еквадор.