ИЕА одлучи за најголемо ослободување на нафтени резерви во историјата – 400 милиони барели на пазарот

9

Земјите-членки на Меѓународната агенција за енергетика (ИЕА) едногласно одлучија да ослободат рекордни 400 милиони барели нафта од стратешките резерви за итни случаи, со цел ублажување на прекините во снабдувањето предизвикани од виртуелното затворање на Ормускиот теснец, објави извршниот директор Фатих Бирол. Ова е шестата координирана акција од ваков тип во 50-годишната историја на организацијата.

Најголемо ослободување досега

„Земјите на ИЕА ќе ослободат 400 милиони барели нафта за да го надоместат изгубеното снабдување поради виртуелното затворање на Ормутскиот теснец”, изјави Бирол во обраќање емитувано во живо на веб-страницата на агенцијата.

Резервите ќе бидат ослободени на пазарот во временска рамка прилагодена на околностите на секоја поединечна земја-членка.

Извозот паднал под 10 отсто

Според ИЕА, војната која започна на 28 февруари сериозно го наруши протокот на нафта низ Ормускиот теснец. Извозот на сурова нафта и рафинирани нафтени производи падна на помалку од 10 отсто од нивото пред конфликтот, принудувајќи ги операторите во регионот да го затворат или значително да го намалат производството.

Агенцијата посочи дека Азија во моментов е најтешко погодениот регион.

Шеста координирана акција во историјата

Ова е шесто координирано ослободување на стратешки резерви откако ИЕА беше основана во 1974 година. Претходните пет акции беа:

  • 1991: Прва Заливска војна
  • 2005: Ураганот Катрина во САД
  • 2011: Војната во Либија
  • 2022 (двапати): По руската инвазија на Украина

Вкупни залихи од над 1,8 милијарди барели

Членовите на ИЕА располагаат со залихи за итни случаи од повеќе од 1,2 милијарди барели нафта, додека индустриските залихи кои се чуваат според владини обврски изнесуваат дополнителни приближно 600 милиони барели – вкупно над 1,8 милијарди барели.

И по ослободувањето на 400 милиони барели, земјите-членки ќе располагаат со значителни резерви, но аналитичарите предупредуваат дека доколку блокадата на Ормускиот теснец потрае, ниту стратешките резерви нема да бидат доволни за долгорочно компензирање на загубеното снабдување.

Македонски