Мицкоски по средбата со маркетите: Нема да дозволиме профитерство – договорени фер цени без ново зголемување

7

Премиерот Христијан Мицкоски информираше дека на денешната средба со претставниците на големите маркети е постигнат заеднички заклучок дека треба да има фер цени на производите и дека не треба да има ново зголемување. Тој порача дека Владата нема да дозволи отстапувања и профитерство, но ниту ќе интервенира во пазарот без причина.

„Државата нема да стои на страна”

По средбата одржана попладнево во Владата, Мицкоски преку социјалните мрежи ги објави заклучоците.

„Имав средба со големите маркети. Активно ја следиме состојбата и нема да дозволиме отстапувања и профитерство. Државата нема да интервенира во пазарот без причина, но државата нема ни да стои на страна ако се создава реален притисок врз граѓаните без објективна основа”, напиша Мицкоски.

Инфлацијата најниска во регионот

Пред средбата, премиерот изнесе низа аргументи за стабилноста на економската состојба:

  • Цени на горивата: најниски во регионот
  • Снабдување со деривати: не е доведено во прашање
  • Базична инфлација во февруари: 1,6 отсто – полека се смирува
  • Компаниите снабдувачи: располагаат со доволно резерви

„Состојбата во државата е апсолутно нормална. Нема ценовен шок и снабдувањето со нафта и нафтени деривати не е доведено во прашање”, нагласи Мицкоски.

Јасни пораки до трговците

Премиерот изјави дека на средбата изнел јасни пораки и аргументи, нагласувајќи дека во актуелната состојба на предизвици, сите треба да се однесуваат одговорно.

„Очекувам сите да се однесуваме во рамки на она што значи заштита на стандардот на граѓаните, зашто со тоа се штити и бизнисот”, рече Мицкоски, додавајќи дека Владата ќе продолжи да ја следи состојбата и да интервенира доколку има потреба.

„Најважен е интересот на граѓаните”, порача премиерот.

Македонски