Одложена примената на забраната за пушење на отворени тераси – електронските цигари забранети во затворени простории

5

Министерот за здравство Азир Алиу најави дека примената на забраната за пушење на отворени тераси од три страни ќе биде одложена за да им се остави време на сопствениците на угостителските објекти инфраструктурно да се прилагодат кон барањата на законот. Електронските цигари ќе бидат целосно забранети за употреба во затворени простории, а за продажба ќе бидат дозволени само со неутрален вкус и вкус на тутун.

Потребно е време за прилагодување

Одговарајќи на новинарско прашање на денешната прес-конференција во Владата, министерот Алиу појасни дека по консултации со сите засегнати страни – производители, потрошувачи, угостителски компании и стручни лица – е прифатено одложување на примената на законот за отворените тераси од три страни.

„За жал, тие тераси сега се затворени. Им треба време за да може инфраструктурно да се прилагодат кон законот”, објасни министерот, нагласувајќи дека процесот за забелешки е завршен и дека дел од сугестиите биле логични и прифатливи.

Забранети вкусови атрактивни за младите

Во однос на електронските цигари, Алиу соопшти дека барањето за продажба на производи со различни вкусови е „половично прифатено”. Сите вкусови кои се оценети како атрактивни за младата популација ќе бидат забранети за продажба.

„Како држава сме на врвот во Европа за консумирање на нетрадиционални, таканаречени помалку штетни или модерни електронски цигари. Ќе бидат забранети сите вкусови што се благи и атрактивни за младите, а ќе дозволиме да се продаваат само електронски цигари со неутрален вкус и со вкус на тутун”, истакна министерот.

Електронските цигари – забранети во затворени простории

Барањето електронските цигари да продолжат да се користат во затворени простории не е прифатено. Министерот беше категоричен дека штетноста на електронските цигари е споредлива со традиционалните.

„Цениме дека тие се исто така штетни колку и традиционалните цигари и нема да биде прифатено да се консумираат во внатрешни простории”, нагласи Алиу.

Македонски