ВЛЕН: Со апсот на „Црната кутија”, Ахмети станува ранет играч што чека егзекуција од институциите
„Стариот лисец Али Ахмети од вчера, од мајстор на политичкиот занает, стана ранет играч кој чека политичка егзекуција од поранешниот најблизок соработник”, порача коалицијата ВЛЕН во најострата реакција досега по одредувањето куќен притвор за поранешниот вицепремиер Артан Груби.
Груби – сведок на „сите матни зделки”
Според ВЛЕН, Артан Груби не бил обичен функционер, туку „извршител, координатор и доверлив човек за сите клучни одлуки во изминатите години”. Од коалицијата тврдат дека тој бил присутен секаде каде што се кроела моќта на ДУИ – од задкулисни договори, преку сомнителни тендери, до политички пазари.
„Црната кутија на владеењето на ДУИ се стави на располагање на правдата. Вистината неизбежно ќе почне да излегува на површина”, се вели во соопштението.
Паника во ДУИ
ВЛЕН оценува дека во ДУИ владее паника не само од правдата, туку од фактот што „Артан Груби знае премногу”. Коалицијата смета дека тој е клучниот сведок за сите матни зделки и политички конструкции кои со години се правеле на штета на граѓаните.
„Куќниот притвор е последица на подготвеноста на Груби институционално да се соочи со сопствените гревови. Институциите конечно ја отвораат темата што ДУИ со години ја закопуваше – како се управуваше моќта и каде завршија одлуките и парите”, нагласуваат од ВЛЕН.
Удар врз Али Ахмети
Партијата смета дека враќањето на Груби не е крај, туку почеток на процес кој може да доведе до целосно разобличување на начинот на функционирање на ДУИ. Според нив, преслушувањето на „црната кутија” значи директен удар врз лидерот Али Ахмети.
„По катастрофалниот пораз на локалните избори и по распадот на лажните ветувања за предвремени избори и ‘сигурен’ влез во Влада, ДУИ се соочува со најтешкиот момент во своето постоење. Од денес, ДУИ веќе не ја контролира приказната, приказната почнува да ја контролира ДУИ”, заклучуваат од ВЛЕН.