Прочка – денот на проштевањето и почетокот на духовното прочистување пред Велигденскиот пост

9

Православните верници денеска ја одбележуваат Прочка – последниот ден пред почетокот на Велигденскиот пост, посветен на меѓусебно простување и духовна подготовка за седумнеделниот период на пост и молитва. „Проштевајте! Бог да прости, лесни пости!” – е пораката која денеска ја разменуваат верниците.

Што е Прочка?

Зборот „Прочка” потекнува од старомакедонскиот словенски збор „проштение”, што значи простување, или од глаголот „проштати” – да се прости. Во духовна смисла, Прочка претставува „духовна метла со која ја метеме нашата душа од гревовите” – ден кога христијаните меѓусебно си простуваат пред да влезат во периодот на постење.

Суштината на денешниот празник е јасна: ако не простиме, залудно ќе постиме. Лицемерно е да јадеш леб и вода, а да не проштеваш и да не се каеш, учи Црквата.

Подвижен празник поврзан со Велигден

Прочка е подвижен празник – секогаш паѓа во недела, но датумот се менува од година во година. Таа не е врзана со конкретен календарски датум, туку со Велигден: седмата недела по Прочка е Велигден.

Црквата го поставила овој ден како силен потсетник дека постењето треба да започне со проштевањето и покајанието, инаку постот е само формален, без вистинска духовна содржина.

Велики поклади – последната вечера пред постот

Во неделата навечер, верниците се покладуваат. Неделната вечера е богата со млечни производи, пита со сирење и јајца – последен оброк со животински производи пред почетокот на строгиот велигденски пост.

Проштевањето како дело на љубовта

Целта и смислата на Прочка е да го истакне проштевањето како израз на љубовта, која е основа на христијанското живеење. Како што учи апостол Павле, љубовта „сè извинува” (1. Кор. 13,7), а „Бог е љубов” (1. Јов. 4,8).

Проштевањето е безгранично и безусловно. Без каење и простување, се губи суштината на односите меѓу луѓето и кон Бога. Откако ќе прости, човекот ќе има кротост, трпение, смирение и човекољубие низ добродетелноста на постот и молитвата.

Духовен пост пред телесниот

Проштевањето е духовен пост кој му претходи на телесниот – како што душата е пред телото. „Прославете Го Бога во своите тела и во своите души, кои се Божји”, вели свети апостол Павле (1. Кор. 6,20).

Целта е со чиста душа да се започне велигденскиот пост, а чистењето и подготовката се споредуваат со подготовка за доаѓање на важен гостин – приемот на Господ Исус Христос преку светата Причест.

Македонски