Синдикалната кошница за февруари достигна 67.382 денари – растот на цените го „изеде” најавеното зголемување на минималната плата
Минималните месечни трошоци на едно четиричлено семејство во февруари се зголемени за речиси илјада денари во споредба со јануари и изнесуваат 67.382 денари, покажуваат најновите податоци на Сојузот на синдикатите на Македонија (ССМ). Претседателот на ССМ, Слободан Трендафилов, предупредува дека порастот на трошоците за живот за само два месеца го неутрализирал најавеното усогласување на минималната плата од 1.500 денари.
Храната поскапа за речиси илјада денари
Синдикалната минимална кошничка за февруари изнесува 67.382 денари, што претставува зголемување од 969 денари во однос на јануари. Доколку се вклучи и изнајмување стан од 60 квадратни метри, вредноста на кошничката се искачува на 82.757 денари.
Значителен пораст е регистриран и во трошоците за храна – ако во јануари за прехрана на едно четиричлено семејство биле потребни минимум 24.211 денари, во февруари оваа сума пораснала на 25.156 денари.
Трендафилов: Работниците тонат во сиромаштија
Претседателот на ССМ, Слободан Трендафилов, преку објава на социјалните мрежи нагласи дека порастот на трошоците за живот само во првите два месеца од годината целосно го обезвреднил најавеното усогласување на минималната плата.
„За два месеци, од почетокот на годината, веќе го изеде најавеното усогласување на минималната плата кое функционерите сакаат да им го дадат на работниците за 1.500 денари. Секое семејство на работниците е посиромашно за 2.000 денари за само два месеца”, порача Трендафилов.
Тој додаде дека во последните 24 месеци, колку што властите одбиваат да ја зголемат минималната плата, вредноста на синдикалната кошница пораснала за повеќе од 10.000 денари.
„Наместо да се препукуваат на грбот на работниците во парламентот, политичките партии да застанат со нив и да ја изгласаат новата минимална плата која треба да изнесува 600 евра, и да ги зголемат сите останати плати за најмалку 6.000 денари. Животот во Македонија очигледно е добар само за функционерите и за газдите, додека работниците тонат во сиромаштија”, рече Трендафилов.
Најавен нов протест и генерален штрајк
По последниот протест и блокадата пред Владата, ССМ остави рок до крајот на февруари за постигнување договор за зголемување на минималната плата според синдикалните барања. Во спротивно, синдикатот најави нов, масовен протест со учество на работници од целата држава, како и генерален штрајк.
Просечната плата – 46.889 денари
Државниот завод за статистика денеска ја објави и информацијата за просечната месечна исплатена нето-плата, која во декември 2025 година изнесувала 46.889 денари – за 7,6 отсто повисока во однос на истиот месец претходната година. Сепак, просечната плата останува значително под нивото на синдикалната минимална кошница.
Инфлација од 3,2 отсто на годишно ниво
Според последните податоци на Државниот завод за статистика, инфлацијата мерена преку индексот на трошоците на живот во јануари 2026 година, на годишно ниво, изнесува 3,2 отсто. Најголем пораст бележат трошоците за покуќнина, опрема за домаќинствата и одржување (5,8 отсто), алкохолните пијалоци и тутунот (5,3 отсто) и храната и безалкохолните пијалоци (5,2 отсто). На месечно ниво, пак, во јануари е регистриран пад од 0,7 отсто во однос на декември 2025 година.