Американската војска подготвена за напад врз Иран – Трамп сè уште не донел конечна одлука

Американската војска е во состојба на подготвеност за воена операција против Иран која би можела да започне оваа сабота, 21 февруари, објави американската телевизија Си-Би-Ес (CBS), повикувајќи се на информирани извори блиски до националната безбедност. Според истите извори, претседателот Доналд Трамп сè уште не донел конечна одлука, додека во Белата куќа се водат интензивни дискусии за ризиците од ескалација и последиците од евентуална воздржаност.

8

Високи претставници за национална безбедност го информирале Трамп за оперативната подготвеност, а во Белата куќа дискусиите се опишуваат како „динамични и тековни”. Дел од разговорите се фокусирани на проценка на „политичките и воените последици од воздржаноста”.

Според извор на CBS, Пентагон во последните денови привремено префрла дел од трупите од Блискиот Исток во Европа и назад во Соединетите Американски Држави. Ваквите преместувања, како што објаснува изворот, вообичаено се случуваат пред потенцијална воена операција, со цел заштита на американските војници во случај на ирански контранапад.

Белата куќа: „Би било мудро Иран да склучи договор”

Портпаролката на Белата куќа, Каролин Ливит, изјави дека постојат „многу причини и аргументи за напад врз Иран”, но нагласи дека Трамп првенствено се потпира на дипломатијата.

„Би било многу мудро Иран да склучи договор со претседателот Трамп и неговата администрација”, порача Ливит.

Советник на Трамп: 90 отсто шанси за напад

Ден претходно, еден од советниците на американскиот претседател изјави за порталот „Аксиос” (Axios) дека постојат 90 отсто шанси американската војска да го нападне Иран во блиска иднина. Тој посочи дека евентуалната операција би била „послична на целосна војна” отколку на ограничени, целни напади.

Израел прогласи највисоко ниво на воена подготвеност

Во контекст на овие случувања, Израел прогласи највисоко ниво на воена подготвеност. Според достапните информации, Тел Авив веројатно би се приклучил на евентуалната воена кампања. Израелските власти се надеваат дека операцијата би можела да доведе до пад на иранскиот режим и демонтирање на неговите нуклеарни и ракетни програми.

Дипломатијата – паралелен колосек

На 17 февруари во Оман се одржа втората рунда преговори меѓу Вашингтон и Техеран во врска со иранската нуклеарна програма. Според агенцијата Ројтерс (Reuters), американската страна побарала од Техеран да достави детални предлози за решавање на разликите во рок од две недели.

Сличен ултиматум во јуни 2025 година доведе до започнување на операцијата „Полноќен чекан” – серија воени напади врз нуклеарните постројки на Иран.

Македонски