АХВ апелира: Микрочипирањето на домашните миленици е законска обврска

Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) ги повикува сопствениците на кучиња да ја исполнат законската обврска за идентификација на своите домашни миленици со микрочип и нивна регистрација во електронскиот систем на Агенцијата, со што се обезбедува и издавање пасош за домашен миленик.

4

Микрочипирањето претставува основа за утврдување на сопственоста на домашниот миленик, за обезбедување навремена и квалитетна ветеринарна здравствена заштита, но и за поголема безбедност на самите сопственици од аспект на спречување пренесување заразни болести од животни на луѓе.

Апликацијата на микрочипот е еднократна постапка – миленикот го носи чипот до крајот на животот. Покрај трајната идентификација, микрочипирањето има за цел и спречување на напуштање на животните, контрола на нивното размножување, како и полесно пронаоѓање во случај на губење или кражба.

Обврска за пријавување на секоја промена

АХВ ги потсетува сопствениците кои веќе ги имаат микрочипирано своите миленици дека се должни секоја промена во податоците – било да се однесува на животното или на сопственикот – да ја пријават во надлежното ветеринарно друштво. Ветеринарното друштво потоа е задолжено да ја евидентира промената во електронската база на податоци.

Во базата задолжително треба да се пријават и угинувањето, губењето или купопродажбата на животните.

Македонски