Министерката Јаневска одбива да го повлече нацрт-законот за високо образование: „Нема да го повлечам – за добробит на сите”
Министерката за образование и наука Весна Јаневска категорично отфрли барањата на опозицијата за повлекување на нацрт-законот за високо образование, оценувајќи дека текстот е изработен според европски и светски стандарди. Од другата страна, опозициската СДСМ предупредува дека законот ја загрозува универзитетската автономија и не ги адресира суштинските проблеми на високото образование.
Јаневска: Критиките се прегенерализирани
Одговарајќи на пратеничко прашање на пленарна седница во Собранието, министерката Јаневска потврди дека јавните расправи за нацрт-законот сè уште траат на универзитетите, а текстот е објавен на платформата ЕНЕР, каде што сите засегнати страни можат да доставуваат коментари.
„Нема да го повлечам законот… за добробит на сите”, порача Јаневска.
Министерката призна дека постојат реакции од студенти и наставно-научен кадар, но оцени дека критиките не може да се генерализираат, опишувајќи дел од забелешките како „прегенерализирани и исполнети со флоскули”.
Нов модел на студирање и финансирање
Во образложението на предложените решенија, Јаневска истакна дека нацрт-законот предвидува подобрување на студентските права, воведување двегодишни мандати за универзитетските тела, мерки за поддршка на најуспешните студенти, вклучително и на оние кои се враќаат од престижни странски универзитети. Како дополнителни новини ги наведе финансиската рамка за демонстратори и можностите за вклучување и вработување студенти преку проекти.
На забелешките дека државата се меша во универзитетската автономија, министерката возврати дека членот 13 од нацрт-законот, според нејзиното толкување, токму ја штити автономијата, а не ја нарушува. Додаде дека во изработката на текстот учествувале повеќе од 60 универзитетски професори и најави дополнителни расправи и консултации.
СДСМ: Законот централизира, а не реформира
Пратеничката на СДСМ, Бисера Костадиновска-Стојчевска, упати остри критики кон предложениот текст, повикувајќи се на серија реакции од академската заедница. Таа предупреди дека законот премногу ја централизира контролата врз универзитетите, се фокусира на процедурални и административни прашања, а ги занемарува суштинските проблеми – недоволното финансирање на научните истражувања, одливот на млади кадри и слабата поврзаност меѓу образованието и пазарот на труд.
Костадиновска-Стојчевска посочи и на фреквенцијата на одредени термини во текстот како показател за централизацијата: зборот „влада” се споменува 30 пати, „министерство” 42 пати, а „министер” 44 пати.
Меѓу цитираните реакции од академската јавност, таа ги издвои предупредувањата дека создавањето нов наставно-научен кадар со предложените решенија би станало „екстремно тешко и практично невозможно”, дека системот повторно навлегува во „нормативна транзиција” без реален ефект врз квалитетот, како и дека европските искуства јасно покажуваат оти силни универзитети се градат врз „реална институционална самоуправа, стабилно финансирање и доверба во академската заедница, а не врз централизирана контрола”.
„Дали суштински се решаваат проблемите со тоа што се скратуваат можностите на младите да останат да работат на некоја високообразовна институција? Дали ќе го повлечете законот и ќе пристапите кон изработка на нов?”, праша опозициската пратеничка.