ЈСП Скопје изгуби повеќе од половина патници за една деценија, а приходите останаа исти – благодарение на субвенциите
Бројот на патници во јавниот градски превоз во Скопје е преполовен во последните десет години – од 51,6 милиони во 2015 на околу 22 милиони во 2025 година. И покрај драматичниот пад на корисниците, годишните приходи на ЈСП останале речиси непроменети, но нивната структура открива длабок структурен дисбаланс и висока зависност од јавни субвенции, покажува нова анализа на Центарот за граѓански комуникации (ЦГК).
Анализата, изработена врз основа на официјални финансиски извештаи и податоци добиени преку пристап до информации од јавен карактер, нуди детален преглед на капацитетите и финансиското работење на скопското јавно транспортно претпријатие.
Три милиони патници помалку само во 2025 година
Загубата на патници не е краткотраен ефект од пандемијата на ковид-19, туку континуиран тренд што продолжува и по завршувањето на здравствената криза. Во 2024 година бројот на корисници се намалил за околу шест милиони, а во 2025 за дополнителни три милиони. Во споредба со 2015 година, ЈСП Скопје изгубило речиси 30 милиони патници годишно, што значи дека системот денес опслужува помалку од половина од некогашниот обем.
Субвенциите покриваат 40 отсто од приходите
Наспроти падот на патниците, вкупните годишни приходи на претпријатието во последната деценија во просек изнесуваат околу 29 милиони евра. Структурата на овие приходи, меѓутоа, открива значителна зависност од јавни средства: околу половина од приходите потекнуваат од линискиот превоз на патници, додека приближно 40 отсто се обезбедуваат преку субвенции. Тоа укажува дека без јавната финансиска поддршка, претпријатието тешко би го одржало тековното работење.
Добивката за 2024 – реална или книговодствена?
Во периодот од 2015 до 2024 година, ЈСП Скопје прикажало добивка во седум години и загуба во три. За 2024 година, финансиските извештаи покажуваат добивка од околу три милиони евра. Сепак, ревизорските наоди сугерираат дека овој резултат не ја одразува целосната реалност – обврските кон приватните превозници не биле евидентирани како трошок. Доколку тие се вклучат во пресметката, остварената добивка би се свела на приближно 600.000 евра.
Систем што формално функционира, но со намален опсег
Анализата на ЦГК не нуди толкувања, туку ги презентира фактите, но нивната комбинација црта јасна слика: континуиран пад на бројот на корисници, приходи одржувани на стабилно ниво благодарение на субвенциите и финансиски резултати чија реалност зависи од начинот на книжење на трошоците. Сето ова упатува на транспортен систем кој номинално опстојува, но со значително стеснет обем на услуги и со ограничена финансиска самоодржливост.