Владата се повлекува од набавката на нов државен авион по бурните критики
Премиерот Христијан Мицкоски потврди дека Владата се откажува од планот за набавка на нов владин воздухоплов, откако намерата предизвика бран јавни критики за луксузирање и злоупотреба на постојниот државен авион.
Ќе се повлечеме од таа набавка и ќе се молиме да останеме живи. Доколку се урнеме некаде и починеме, претпоставувам дека ќе стане јасно дека дебатата за некоја идна влада и идни премиери е беспредметна”, изјави Мицкоски одговарајќи на новинарско прашање по конференцијата посветена на формализирање на неформалната економија.
Мицкоски: Договорот со СДСМ не беше испочитуван
Премиерот откри дека на средбите со лидерот на СДСМ, Венко Филипче, постоела заемна согласност набавката на нов авион – наменет за употреба и од идни влади, но и за хуманитарни мисии – да не биде предмет на политички напади. Според Мицкоски, опозицијата не останала на дадениот збор, што е една од причините за повлекувањето на одлуката.
Тој посочи дека лично го користел владиниот воздухоплов само четири пати и како илустрација го наведе случајот со враќањето од Сплит во август минатата година.
До Хрватска отпатував со комерцијален лет на ‘Кроација ерлајнс’. По обврската со хрватскиот претседател Зоран Милановиќ, го продолжив одморот за уште еден ден. Го пропуштив повратниот лет, а следниот ден имав неодложни обврски. Поради тоа, владините служби го испратија воздухопловот да ме врати во Скопје”, објасни премиерот.
СДСМ: Парите да одат за болници, плати и инфраструктура
Опозициската СДСМ остро ја критикуваше намерата за набавка и побара Владата да објави детални информации за тоа кој и за какви цели патувал со државниот „Лирџет”.
Портпаролката на партијата, Богданка Кузеска, оцени дека државата има далеку поприоритетни потреби од купување луксузен авион.
Со парите за еден авион може да се изградат три нови болници, да се реконструираат постоечки здравствени центри, да се изградат 20 згради со социјални станови или десетици километри водоводи и канализации. Наместо за плати, пензии и болници, Владата сака граѓаните да го платат луксузот на Мицкоски”, порача Кузеска.
„Лирџет 60″ – два децении во служба
Владиниот „Лирџет 60″ е во употреба од јануари 2005 година. Станува збор за бизнис-авион со долет до средни дестинации, погоден за летови во Европа и Блискиот Исток, но неспособен за прекуокеански релации.
Според документи на Службата за општи и заеднички работи, објавени од медиумот Телма, авионот бил користен околу 40 пати во период од една и пол година, без да се пресметаат деветте редовни и двата специјални сервисни летови за медицински и евакуациски потреби. Најфреквентна релација била Скопје – Будимпешта, со вкупно седум забележани летови.