Силен ветер предизвика штети во Скопје и Гевгелија, во Кичево продолжува евакуацијата на 250 лица

Паднати дрвја и оштетени кровови од ветрот, поплавената состојба во повеќе региони постепено се стабилизира

3

Центарот за управување со кризи (ЦУК) информира за нови штети предизвикани од силниот ветер на територијата на државата, додека последиците од поплавите во изминатите денови продолжуваат да се санираат. Во Скопје и Гевгелија се регистрирани паднати дрвја и оштетени кровови, а во Кичево 250 евакуирани лица сè уште се сместени во привремен престој.

Скопје: Паднати дрвја и оштетени возила

Силниот ветер во скопската котлина предизвика значителни штети на шест локации низ градот. Пријавени се паднати дрвја и искинати кабли, при што е причинета материјална штета на повеќе паркирани автомобили.

За состојбата се известени СВР Скопје и ЈП „Паркови и зеленило”, кои преземаат мерки за расчистување и санирање на последиците.

Во врска со поплавите од претходните денови во селата Чајлане, Буковиќ и Семениште, ЦУК информира дека состојбата постепено се нормализира.

Тетово: Затворен пат, паднати бандери

Патниот правец од село Тумчевиште кон село Чегране останува затворен за сообраќај поради безбедносни причини.

Позитивна вест е што нивото на реката Вардар во тетовскиот регион е значително намалено во споредба со претходните три дена и моментално нема опасност од излевање.

Во текот на ноќта, силниот ветер собори две телекомуникациски бандери во селата Нераште и Глоѓи во општина Теарце. Бандерата во Нераште е паднала покрај патот без да го блокира сообраќајот, додека во Глоѓи бандерата паднала преку коловозот. Телеком е известен, а отстранувањето се очекува во текот на денот.

Кичево: 250 евакуирани, санацијата во тек

Најпогодениот град од поплавниот бран продолжува да се справува со последиците. Бројот на евакуирани лица останува непроменет – вкупно 250 лица од 63 семејства сè уште се сместени во привремениот прифатен центар. На евакуираните редовно им се доставуваат храна, вода и неопходни средства, додека екипа од Медицинскиот центар врши здравствени прегледи и дава соодветни совети.

На терен интензивно работат повеќе служби:

  • ЈП „Комуналец” со поддршка на механизација од локални компании работи на расчистување и продлабочување на коритото на Зајашка Река
  • Територијалната противпожарна единица со пумпи од подрачното одделение на ДЗС Кичево продолжува со испумпување вода од поплавени подруми на улиците Прилепска, Пиринска, Први Мај и 29 Ноември
  • Паралелно се врши чистење на фекалната и атмосферската канализација

Магистралните патишта во кичевскиот регион се проодни и сообраќајот се одвива редовно, без пријави за одрони.

ЦУК продолжува со континуирано следење на состојбата на терен во координација со сите надлежни институции.

Македонски