Муртезани нов амбасадор во НАТО, Владата именуваше девет нови дипломатски претставници

Поранешниот министер за европски прашања заминува во Брисел, Илина Мангова од невладиниот сектор именувана за амбасадорка во Лондон.

3

Владата на денешната седница ги усвои имињата на девет нови амбасадори кои ќе ја претставуваат Северна Македонија во клучни светски престолнини и меѓународни организации. Меѓу најистакнатите имиња е поранешниот министер за европски прашања Орхан Муртезани, кој е номиниран за нов македонски амбасадор во седиштето на НАТО во Брисел, пренесува Сител.

Покрај Муртезани, значајно внимание привлекува и изборот на Илина Мангова за нова амбасадорка во Лондон. Мангова зад себе има долгогодишна кариера во невладиниот сектор, меѓу другото и како дел од раководната структура на Меѓународниот републикански институт (ИРИ).

За нова амбасадорка во Хаг е номинирана Линда Салиеска-Иљазоска, која моментално работи во кабинетот на министерот за надворешни работи Тимчо Муцунски. Таа располага со речиси две децении дипломатско искуство и бројни мисии во дипломатските претставништва низ Европа.

Останатите именувани амбасадори се дипломати од кариера со долгогодишен стаж во Министерството за надворешни работи.

Новите именувања се надоврзуваат на претходно објавените амбасадорски назначувања:

  • Веле Трпевски – амбасадор во Тирана
  • Андријана Цветковиќ – амбасадорка во Токио
  • Димитар Блажевски – амбасадор во Киев
  • Фадиљ Зендели – амбасадор во Копенхаген

Сите четворица сè уште ја чекаат одбраната на своите програми пред собраниската Комисија за надворешна политика.

Покрај деветте амбасадорски именувања, Владата денеска одлучи да именува и две лица за раководење со конзулатите во Мелбурн и Солун, со што дополнително се зајакнува дипломатското присуство во овие важни центри на македонската дијаспора.

Процедура пред конечно стапување на должност

Согласно законската процедура, сите девет номинирани кандидати пред конечното стапување на должност ќе треба да ги презентираат своите планови и програми пред собраниската Комисија за надворешна политика. По таа фаза, претседателката Гордана Сиљановска-Давкова официјално ќе ги испрати во дипломатска мисија.

Според информациите на Сител, списокот на нови амбасадори е веќе усогласен меѓу сите три клучни институции – претседателката Сиљановска-Давкова, Министерството за надворешни работи и Владата.

Професионализација на дипломатијата

По завршувањето на сите процедури, вкупниот број дипломатски претставници именувани во мандатот на министерот Муцунски ќе достигне 18. Од нив, над 60 отсто, односно вкупно 11 амбасадори и конзули, се професионални дипломати од кариера.

Ова е во согласност со новиот Закон за надворешни работи кој предвидува најмалку половина од амбасадорите да бидат дипломати со професионално искуство, како дел од заложбите за деполитизација и професионализација на дипломатската мрежа на земјата.

Македонски