Над 200 лица евакуирани поради поплави, најкритично во Кичево
Зајашка Река се излеа и предизвика хаос – евакуираните сместени во спортска сала, ДЗС со над 250 интервенции само во овој град
Обилните врнежи од дожд што во изминатите денови ја зафатија земјата предизвикаа поплави во повеќе региони, при што над 200 лица беа евакуирани од своите домови. Најкритична е состојбата во Кичево, каде што Центарот за управување со кризи (ЦУК) и Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС) спроведуваат интензивни акции за спасување и санација.
Поплавени домови во скопскиот регион
Во општината Сарај, седум теренски тима на ДЗС интервенираа во селата Буковиќ и Семениште, каде што водата поплави над 30 куќи и дворови. Во санирањето на последиците учествуваа и екипи на Општина Сарај, Бригадата за противпожарна заштита на Град Скопје и ЈП „Водовод и канализација” – Скопје.
Свлечишта и затворени патишта во тетовскиот регион
Тетовскиот регион се соочува со проблеми на патната инфраструктура. Патниот правец Тетово – Џепчиште е затворен поради свлечишта. Патот кон селото Једоарце е повторно отворен за сообраќај, додека на делницата Тетово – Попова Шапка возилата се движат отежнато. За тешки товарни возила и автобуси важи забрана за користење на овој пат.
Интервенциите продолжуваат
ДЗС и денеска продолжува со теренски активности согласно потребите во погодените подрачја. Состојбата се следи континуирано во координација со ЦУК и останатите институции од Системот за управување со кризи.
Граѓаните се повикуваат на внимателност и почитување на препораките од надлежните служби, особено во близина на водотеците и на подрачјата зафатени од свлечишта.