НАРКО-СКАНДАЛОТ ГИ ПОДЕЛИ ПАРТИИТЕ: СДСМ прашува како поминале пет тони дрога, ВМРО-ДПМНЕ обвинува за „канабис-империја“ на Заев и Филипче

8

Случајот со запленетите и пропуштените количини марихуана стана нова точка на жесток судир меѓу СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ. Додека опозицијата бара одговорност за тоа како пет тони дрога ја напуштиле земјава незабележано, власта возвраќа со обвинувања за системско нелегално производство под покровителство на поранешните функционери.

СДСМ: Каде беа службите додека се одгледувале „40 фудбалски стадиони“ марихуана?

Од СДСМ денеска упатија серија прашања до врвот на власта, барајќи одговорност од премиерот Мицкоски и министерот Тошковски. Од партијата посочуваат дека тврдењата на власта за постоење на 100 тони нелегално произведена марихуана се всушност самопотврда за капитулација на институциите.

За производство на 100 тони марихуана потребна е површина од над 30 хектари, што е еднакво на 40 фудбалски стадиони. Кој дозволил толкава површина да се одгледува без ниту една контрола? Како шлепери поминале покрај 65.000 камери на ‘Сејф сити’, покрај скенери и царина, а никој ништо не знае? Одговорноста за овој нарко-скандал е директно во врвот на власта, обвинуваат од СДСМ.

ВМРО-ДПМНЕ: Струмичкиот регион стана жариште под покровителство на Заев и Филипче

Од владејачката ВМРО-ДПМНЕ ги отфрлија обвинувањата како манипулација и возвратија со детали за фирмата „ЦБД Медплант“, која ја поврзуваат со луѓе блиски до Зоран Заев. Според партијата, коренот на проблемот лежи во измената на Правилникот за одгледување канабис од 2023 година, кој дозволил одгледување на отворено, што е во колизија со законот.

Од запленетите 40 тони марихуана кај компании со лиценци, дури 70% или околу 30 тони потекнуваат од фирма основана од блиски луѓе на Заев. Јавноста се сеќава како дуото Заев-Филипче масовно делеше лиценци на партиски кадри. Филипче треба да објасни каде завршувала марихуаната која не исполнувала медицински стандарди и не можела легално да се користи, стои во реакцијата на ВМРО-ДПМНЕ.

Повик до Обвинителството

Владејачката партија побара од Јавното обвинителство итно да ја истражи релацијата меѓу Заев, Филипче и сопствениците на лиценцираните компании за канабис, со цел да се утврди дали станува збор за партиски профит од нелегален бизнис.

Додека партиите лицитираат со тони и хектари, јавноста останува без одговор на суштинското прашање: кој ги контролира границите и како е можно стратешки сектор како производството на медицински канабис да се претвори во предмет на меѓусебни обвинувања за криминал од вакви размери.

Македонски