ОДЛОЖЕН СТАРТОТ НА РИГОРОЗНИОТ ЗАКОН ЗА ПУШЕЊЕ: Власта попушти пред бизнис-заедницата, прво ќе има опомени па казни

10

Најавената целосна забрана за пушење во затворени простории и на јавни места најверојатно нема да стапи на сила на 1 март, како што првично беше предвидено. По острите реакции на угостителите и тутунската индустрија, Министерството за здравство најави „мека имплементација“ на законот, што подразбира фазно воведување на новите правила со фокус на едукација и опомени, наместо итно казнување.

Министерството за здравство: Одиме со фазна имплементација

Државниот советник во Министерството за здравство, Никола Грбчевски, во емисијата „Бизнис 21“ потврди дека во тек се интензивни разговори со сите засегнати страни за да се доработи законското решение.

„Не би го нарекол ова ретерирање, туку фазна имплементација. Во дијалог со јавноста и бизнис-заедницата одлучивме да одиме со пристап кој на почеток ќе значи само опомени и едукација. Дали оваа преодна фаза ќе трае три, шест или осум месеци, допрва ќе одлучи оперативната работна група,“ изјави Грбчевски.

Угостителите бараат тригодишен „грејс-период“

Од угостителскиот сектор предупредуваат дека доколку законот се примени веднаш и во сегашната форма, тоа ќе доведе до масовно затворање на објекти и отпуштање работници. Тие посочуваат дека македонскиот контекст е специфичен, бидејќи процентот на пушачи кај нас е над 60%, за разлика од земјите како Словенија или Шпанија (15-18%) од каде што е препишан законот.

Перица Голомеиќ од угостителската комора предложи модел од три фази:

  1. Прва година: Исклучиво информативна кампања;
  2. Од 12 до 36 месеци: Забрана во затворени простории, но со јасно дефинирани надворешни зони;
  3. По три години: Целосна имплементација и ригорозни санкции за сите.

Експертите: Законот е правен „copy-paste“ и му недостига преоден период

Професорот Златко Арсов смета дека предлог-законот е полн со празнини, особено во делот на залихите на тутунски производи и влијанието врз буџетот.

„Не можеме ‘ан блок’ да преземаме закони од Словенија, земја која никогаш не произведувала тутун и нема фабрика за цигари. Во овој предлог нема ниту преодни, ниту завршни одредби. Што ќе правиме со огромните залихи на производи кои веќе се на пазарот, а според законот одеднаш не би смееле да се продаваат?,“ прашува Арсов.

Што предвидува новиот закон и колкави се казните?

Новото законско решение е едно од најригорозните досега. Тоа предвидува:

  • Тотална забрана: Нема пушење во ниту еден затворен угостителски објект, фирма или јавна институција.
  • Опфат на производи: Забраната вклучува класични цигари, електронски цигари, „вејп“ апарати и уреди за загревање тутун.
  • Јавни површини: Забрането пушење пред училишта, градинки, пазари, станици и спортски објекти.
  • Возила: Забрането пушење во приватен автомобил доколку во него има дете.
  • Санкции: Казните за физички лица изнесуваат од 150 до 300 евра, додека за правните лица и фирмите достигнуваат и до 5.000 евра.

Иако целта на законот е заштита на јавното здравје, очигледно е дека неговиот старт ќе биде одложен додека не се најде компромис меѓу здравствените стандарди и економската реалност.

Македонски