БОЕМСКИОТ ДУХ НА СКОПЈЕ: Со серенади и вино започнаа 24-тите Дебармаалски средби

9

Со звуците на староградската музика, традиционалното закројување на лозата и пораки за мир испратени по водите на Вардар, денеска во срцето на Скопје започна манифестацијата „Дебармаалски средби и серенади“. Овој настан, кој веќе 24 години ги воспева виното и љубовта, ги обедини граѓаните во чест на празниците Св. Трипун и Св. Валентин.

Традиција што ги оживува скопските маала

Манифестацијата, во организација на здружението „Гороцвет“ и под покровителство на Општина Центар, започна кај култната кафеана „Кај Жабарот“. Програмата продолжи со симболично положување заклетва за зачувување на традициите кај споменикот на Гоце Делчев во Градскиот парк, за потоа боемскиот дух да се пресели на познатата „Боемска улица“.

Еден од највпечатливите моменти беше на улицата „Костурски херои“, каде што под балкон беа испеани традиционалните серенади. Според обичајот, жена од вториот кат ги даруваше учесниците со цвеќиња, бонбони и парички за среќа во љубовта, додека прскањето со вода симболично навести формирање нови семејства.

Пораки за мир и благосостојба

Уметникот и хуманист Живко Поповски-Цветин, кој е еден од симболите на овој настан, испрати апел за глобален мир.
„Сакаме лозарите и винарите да имаат добар род, а нашето вино да се продава во светот за да се разбере вистината за Македонија. Преку моите слики ‘Цвеќе на мирот’ порачуваме дека треба да има леб и спокој за сите луѓе,“ истакна Поповски-Цветин.

Герасимовски: Дебар Маало останува бастион на романтиката и културата

Градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски, кој активно се вклучи во манифестацијата, нагласи дека Центар ќе остане заштитник на автентичниот дебармаалски дух.

Наша обврска е да ги чуваме вредностите што нè враќаат во времињата на серенадите, поезијата и романтиката. Дебар Маало е место каде што се негуваат дружењето и уметноста, и тоа мора да го пренесеме на идните генерации,“ изјави Герасимовски.

Новитети и богата програма

Годинава за првпат кон чествувањето се приклучи и Здружението на пензионери на општина Центар, со што настанот доби уште поголем меѓугенерациски карактер. По традиционалното кршење на погачата кај фурната „Силбо“, програмата беше збогатена со поетски рецитали и прошетка низ култните дебармаалски ресторани, потврдувајќи дека боемскиот живот во Скопје е сè уште жив и витален.

Македонски