ПРИТИСОКОТ ВРОДИ СО ПЛОД: Антикорупционерката Цвета Ристовска поднесе неотповиклива оставка

6

Членот на Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК), Цвета Ристовска, денеска до претседателот на Собранието, Африм Гаши, поднесе неотповиклива оставка од функцијата. Повлекувањето доаѓа по серијата скандали, јавни полемики и сомнежи за судир на интереси поврзани со нејзиното дејствување во ова највисоко антикорупциско тело.

Ристовска: Се повлекувам поради сомнежите во јавноста

Во своето образложение, Ристовска наведува дека одлуката ја донела за да го зачува професионалниот интегритет, иако тврди дека во текот на целата кариера работела законито и совесно.

„Жалам доколку одредени околности, вклучително и можни административни пропусти, доведоа до неосновани сомнежи во јавноста. Во сите ситуации барав изземање согласно законот и никогаш немав намера да прикријам информација,“ стои во нејзината писмена оставка.

Под лупа на колегите: Фирми на синовите и непријавен имот

Иако Ристовска оставката ја пакува како морален чин, таа заминува во време кога самата ДКСК отвори два предмети против неа. Истрагите беа насочени кон:

  1. Судир на интереси: Сомнежи дека фирма на еден од нејзините синови добивала буџетски пари за време на претседателската кампања во 2024 година.
  2. Непријавен имот: Ристовска во својот анкетен лист не пријавила дека и двајцата нејзини синови поседуваат маркетинг компании.

Опозицијата во изминатиот период постојано упатуваше критики дека Ристовска служи како „кочничар“ за предмети кои ја засегаат актуелната власт.

Контроверзиите со сертификатот на Христовски

Името на Цвета Ристовска дополнително се актуелизираше во случајот со директорот на АНБ, Бојан Христовски. Таа беше под силен притисок на јавноста откако не најде основа за оспорување на неговиот сертификат за англиски јазик, и покрај тоа што постоеја слични судски преседани со изречени казни за други лица. Дополнителен сомнеж фрли и фактот што Ристовска била предавач на факултетот каде што дипломирал Христовски, чија диплома исто така беше оспорена со претставка.

Оставката на Ристовска сега отвора простор Собранието да започне процедура за избор на нов член на ДКСК, во период кога довербата во независноста на ова тело е сериозно разнишана.

Македонски