ХАОС СО ВОДАТА ВО СТРУГА: Шести ден суви чешми, директорот на „Водовод“ поднесе оставка, обвинителството покрена истрага

2

Жителите на Струга веќе шести ден се соочуваат со алармантна состојба – водата од градскиот водовод е неупотреблива за пиење, готвење и одржување хигиена. Поради екстремното заматување на изворите во село Шум, градот е оставен без основен услов за живот, што предизвика револт кај граѓаните и политички потрес во јавното претпријатие.

Оставка на директорот на „Водовод“

Како директна последица на кризата, директорот на ЈП „Водовод – Струга“, Меџиат Јусуфовски, денеска поднесе неотповиклива оставка. Тој упати сериозни обвинувања до централната и локалната власт за игнорантски однос кон проблемот.

„Гледајќи ја оваа ситуација, му благодарам на градоначалникот Менди Ќира за довербата, но во овој момент поднесувам оставка. Ги информирав сите надлежни институции – Владата, министерствата и Општината, но никој не излезе во пресрет на моите барања,“ изјави Јусуфовски.

Ископувања над изворите – причина за загадувањето?

Жителите се сомневаат дека заматувањето на водата е резултат на несоодветни ископувања во близина на изворите во село Шум. Поради овие сомнежи, Основното јавно обвинителство (ОЈО) Струга веќе отвори предмет.

Од Обвинителството потврдија дека е издаден налог до судската полиција да изврши инспекција на теренот. На контролата ќе присуствуваат и инспектори за животна средина, претставници од Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ), како и стручни лица од Центарот за јавно здравје.

Стефан Димовски, портпарол на СВР Охрид, изјави дека се работи интензивно на случајот: „Јавниот обвинител се занимава со предметот. Доколку се најдат елементи за кривично дело, ќе биде поднесена соодветна кривична пријава.“

Општината молчи, градоначалникот најавува отчет за „100-те дена“

Додека стружани се снаоѓаат купувајќи пакувана вода, од Општина Струга засега нема конкретен одговор за решавање на кризата. Градоначалникот Менди Ќира одби подетално да коментира, најавувајќи дека наскоро ќе одржи прес-конференција, но примарно за да даде отчет за сработеното во неговите први 100 дена од мандатот.

Граѓаните на социјалните мрежи прашуваат дали „отчетот за 100 дена“ ќе вклучи и објаснување зошто градот со едни од најубавите извори на Балканот е оставен без капка питка вода.

Македонски