СЕ ТРЕСЕ ВЛАДИНАТА КОАЛИЦИЈА: Касами му се закани на Лимани со разрешување, Мицкоски потсети кој е „газда“ во Владата

4

Внатрепартиски превирања во Движењето „Беса“ и првите посериозни несогласувања во владината коалиција излегоа на површина по најавата на Биљал Касами за можна смена на министерот за социјална политика, демографија и млади, Фатмир Лимани. Додека Касами најавува реконструкција поради незадоволство на членството, премиерот Христијан Мицкоски со остар тон порача дека тој е единствениот кој одлучува за составот на извршната власт.

Касами: Партијата ги дава и ги повлекува функциите

Лидерот на „Беса“, Биљал Касами, откри дека дел од членовите на партијата имаат сериозни забелешки за начинот на комуникација на министерот Лимани. Според Касами, партиските органи имаат легитимно право да го повлечат секое име што го предложиле на функција.

Додека тој е на таа позиција како предлог на ВЛЕН што доаѓа од Движењето ‘Беса’, евентуалната реконструкција ќе зависи од предлозите на субјектите кои ја сочинуваат коалицијата. Ние располагаме со надлежностите за нашите кадри,“ изјави Касами.

Мицкоски: Јас сум мандатарот и јас ја правам Владата

На ваквите најави од тетовскиот градоначалник и коалициски партнер експресно реагираше премиерот Мицкоски. Тој застана во одбрана на Лимани, потенцирајќи дека е задоволен од неговата работа и упати јасен потсетник до Касами за тоа каде се наоѓа моќта за одлучување.

Јас сум задоволен од работата на Фатмир Лимани, тој е додадена вредност во министерството. Јас сум мандатар на Владата и јас ја правам Владата. Ако некој го заборавил тоа, еве да ве потсетам,“ дециден беше премиерот.

Лимани молчи, разрешениот Рушани обвинува за корупција

Од кабинетот на министерот Фатмир Лимани соопштија дека нема да коментираат „хипотетички изјави“ и дека ќе се произнесат само доколку има конкретна и институционална одлука за негово разрешување.

Паралелно со овој спор, Касами го потврди и разрешувањето на директорот на Бирото за метрологија, Седат Рушани. И додека лидерот на „Беса“ тврди дека причината е незадоволство од работата, Рушани излезе со тешки обвинувања против сопствената партија.

Вистинската причина за моето разрешување е тоа што не прифатив пазарења, корупција и потчинување на партиската раководна структура,“ реагираше Рушани, отворајќи нов фронт во Движењето „Беса“.

Овие случувања најавуваат турбулентен период во коалицијата ВЛЕН, но и тест за односите меѓу мандатарот Мицкоски и неговите партнери во власта.

Македонски