Евростат: 45,4% од младите во Македонија користат вештачка интелигенција – под европскиот просек

3

Алатки базирани на вештачка интелигенција (ВИ) во Северна Македонија користат 45,4 отсто од младите на возраст од 16 до 24 години, што е значително под просекот на Европската Унија од 63,8 проценти, покажуваат најновите податоци на Евростат за 2025 година.

Во рамки на ЕУ, највисока употреба на ВИ кај младите е регистрирана во Грција (83,5%), Естонија (82,8%) и Чешка (78,5%). Најнизок процент е забележан во Романија (44,1%), Италија (47,2%) и Полска (49,3%).

Регионална споредба

Во земјите од регионот, споредбено повисока употреба има во Босна и Херцеговина, каде 65,4 проценти од младите користат ВИ алатки. Следуваат Хрватска со 58,2 проценти, Бугарија со 50 проценти и Србија со 47 отсто.

Податоците покажуваат дека и во ЕУ и во Северна Македонија младите до 24 години речиси двојно повеќе користат вештачка интелигенција во споредба со вкупната популација на возраст од 16 до 74 години.

За што најчесто се користи ВИ?

Најголем дел од младите ја користат вештачката интелигенција за приватни цели – 44,2 проценти. За образовни потреби ВИ применуваат 39,3 проценти од младите, додека за професионални цели алатките ги користат 15,8 проценти.

Овие податоци укажуваат дека иако употребата на ВИ во земјава расте, таа сè уште заостанува зад европските трендови, особено во споредба со земјите членки со највисока дигитална подготвеност.

Македонски