Трамп размислува за испраќање уште еден носач на авиони на Блискиот Исток

4

Американскиот претседател Доналд Трамп размислува за дополнително засилување на военото присуство на САД на Блискиот Исток, вклучително и можноста за испраќање уште една група носачи на авиони во услови на зголемени тензии со Иран, објави информативниот портал „Аксиос“.

„Имаме една армада која се движи натаму, а би можела да тргне и друга“, изјави Трамп во интервјуто, додавајќи дека „размислува“ за таков чекор.

Преговори во Оман

Под строги безбедносни мерки, во петокот во Оман започна нова рунда преговори меѓу претставници на Вашингтон и Техеран, при што Оман настапува како посредник. Трамп ги оцени разговорите како „многу добри“ и најави продолжување на дијалогот, пренесе ДПА.

Новите дипломатски напори следуваат по период на сериозни немири во Иран, кои беа задушени од безбедносните сили. Во тој контекст, Трамп претходно се закани со можна воена интервенција и го засили американското воено присуство во регионот, меѓу другото и со испраќање на носачот на авиони „УСС Абрахам Линколн“ (USS Abraham Lincoln).

Повторно на маса нуклеарниот договор

Во фокусот на разговорите повторно е контроверзната нуклеарна програма на Иран. Иранските власти и натаму изразуваат скептицизам кон преговорите со САД, кои често ги нарекуваат „вечен непријател“.

Вашингтон и Техеран водеа разговори и минатата година, но тие беа прекинати откако САД побараа целосно запирање на иранското збогатување на ураниум.

Тензиите дополнително ескалираа во јуни 2025 година, кога само ден пред планираната шеста рунда разговори Израел изврши напад врз Иран, по што следуваа контранапади од Техеран. Набргу потоа, американската војска се приклучи со напади врз клучни нуклеарни постројки во Иран. Трамп тогаш изјави дека тие објекти биле „целосно уништени“.

„Или ќе постигнеме договор, или ќе мораме да направиме нешто многу остро како минатиот пат“, изјави Трамп за „Аксиос“.

Средба Трамп – Нетанјаху

Во меѓувреме, израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху се очекува денеска да се сретне со Трамп во Вашингтон. Средбата во Белата куќа е закажана за 11 часот по локално време, потврди висок владин претставник за ДПА.

Израел инсистира евентуалниот договор меѓу САД и Иран да ги опфати и иранската ракетна програма, како и поддршката на Техеран за милитантни групи во регионот – барања што иранските власти неодамна јавно ги отфрлија.

И покрај дипломатските напори, состојбата на Блискиот Исток останува неизвесна, а исходот од преговорите ќе има значително влијание врз регионалната безбедност.

Македонски