Пазарот на недвижности во раст: Во последниот квартал од 2025 регистрирани над 9.000 трансакции, цените достигнаа рекордни нивоа

4

Во периодот од октомври до декември 2025 година, во Регистарот на цени и закупнини на целата територија на државата евидентирани се 1.004 новоизградени станови, односно станови продадени директно од инвеститори. Ова претставува зголемување од 159 станови во однос на третиот квартал од истата година, покажуваат најновите податоци на Агенцијата за катастар на недвижности (АКН).

Истовремено, во Катастарот се запишани 27.522 листови за предбележување градба, што укажува дека голем број објекти се во фаза на изградба и во наредниот период се очекува да се појават на пазарот на недвижности.

Според извештајот на АКН, во четвртиот квартал од 2025 година највисоката постигната цена за стан изнесувала 182.404 денари по квадратен метар. Станува збор за стан со површина од 83 квадратни метри, со вкупна цена од 246.171 евро, лоциран во скопската општина Центар.

Аеродром води по продажба на станови, Битола по продажба на куќи

Најголем број продадени станови во анализираниот период се регистрирани во општина Аеродром – вкупно 304. Кога станува збор за продажба на куќи, најмногу трансакции се евидентирани во општина Битола, каде што се продадени 91 куќа.

Продажбата на деловен простор е најинтензивна во општина Центар со 31 продадена деловна просторија. Кај земјоделското земјиште и шумите, најмногу продажби – 110, се регистрирани во општина Куманово, додека најмногу продадено градежно земјиште има во општина Ѓорче Петров со 43 трансакции. Во истиот период се евидентирани и 194 продажби на гаражи низ повеќе општини.

Над 9.000 трансакции за три месеци

Од 1 октомври до 31 декември 2025 година, во Регистарот на цени и закупнини се запишани вкупно 9.283 трансакции, што претставува збир од купопродажби и закупи. Во споредба со третиот квартал, ова е раст од 964 трансакции, што укажува на зголемена активност на пазарот на недвижности.

Во овој период се реализирани 6.230 купопродажби, од кои 5.084 се класични продажби, 1.094 продажби од инвеститори, 40 откупи од државата и 12 продажби по пат на лицитација. Бројот на купопродажби е зголемен за 95 во однос на претходниот квартал.

Во делот на закупите, регистрирани се 3.053 трансакции, што е раст од 869 закупи во споредба со третиот квартал. Продажбите сочинуваат 55 проценти од вкупните трансакции, додека закупите учествуваат со 33 проценти, односно заедно учествуваат со 88 проценти од вкупниот пазар на недвижности.

Декември најактивен месец, Центар води по број на трансакции

Анализата по месеци покажува дека најголем број трансакции се регистрирани во декември – 3.274, додека најмалку во ноември – 2.797. Во октомври биле евидентирани 3.212 трансакции.

Најмногу продажби се реализирани во декември (1.863), додека најголем број закупи – 1.106, се регистрирани во октомври. Продажбите од инвеститори, односно новоградбите, најинтензивни биле исто така во октомври со 416 трансакции.

По општини, најголем обем на трансакции е забележан во Центар (812), Аеродром (645), Штип (634), Карпош (472), Битола (415) и Гази Баба (410). Најмал број трансакции се регистрирани во помалите општини, при што во 41 општина бројот на трансакции се движи од 0 до 50. Според АКН, ова укажува на силна поделба помеѓу развиени и неразвиени пазари на недвижности во државата.

Закупите растат, становите најбарани

Од вкупно 3.053 закупи во четвртиот квартал од 2025 година, најголем дел – 1.369, се однесуваат на станови. Потоа следуваат 911 закупи на деловни простории, 399 закупи на куќи и 257 закупи на земјоделско земјиште и шуми. И кај закупите, најактивен месец бил октомври со 1.106 трансакции.

Цените пораснаа за 25 проценти на годишно ниво

Според претходно објавените податоци на Народната банка, во четвртиот квартал од 2025 година цените на недвижностите пораснале за 25 проценти на годишно ниво. Сличен раст е забележан и во третиот квартал (25,1%), по зголемувањето од 19,5 проценти во првиот и 19,9 проценти во вториот квартал.

Последните податоци од Државниот завод за статистика покажуваат дека во ноември 2025 година биле издадени 304 одобренија за градење, што е зголемување од 16,9 проценти во однос на истиот месец претходната година. Со нив е предвидена изградба на 761 стан, од кои најголем дел – 427, се во Скопскиот регион.

Македонски