Од „изгубени“ државни имоти до милионска дупка во магацин, проблемите се наследени, ги решаваме еден по еден, вели Томовски
„Можам да кажам откако ние ја превземавме институцијата што сме направиле, тоа е отпочнување на постапка за легализација на оној имот што го имаме и кој е суштински имот и со којшто реално го гледаме и располагаме. Легализацијата за вилите Водно 1 и 2 (претседателската и премиерската) веќе имаат имотен лист со трајно користење на Службата за општи и заеднички работи, додека на минатата седница на Влада помина и легализацијата на охридските вили, тоа се исто премиерска и претседателска и уште две вили кои што се во Свети Стефан“, рече Томовски кој заедно со неговиот тим денеска имаше средба со новинарите во врска со последниот ревизорски извештај за работата на институцијата за 2024 година.
Зборувајќи за земјиштето во повеќе градови што се споменува во ревизорскиот извештај, а кое е на државата пред повеќе од 30 години и за кое нема податоци и информции дали и за што се користи, директорот на СОЗР рече дека е отпочната постапка и оти е формирана работна група која ќе работи на оваа проблематика.
„Се надевам дека за брзо време ќе го решиме и тој проблем. Она што реално го имаме да го имаме, она што го немаме барем да знаеме дека не е во наша сопственост“, рече Томовски.
На брифинг со новинари беше објаснето дека станува збор за земјиште и објекти на повеќе локации кои се останати по заминувањето на ЈНА, како и дека неколку пати досега Службата се обраќала до Катастарот од каде се добивани информации дека немаат податоци за тие земјишта.
Директорот на Службата за општи и заеднички рабoти за наодите во ревизорскиот извештај за разлика помеѓу сметководствената и фактичката состојба за прехранбени производи во главниот магацин по пописот за 2024 година, рече дека има некакви разлики, но оти не би сакал да навлегува во одговорот на ова прашање бидејќи има постапка што ја води Бирото за јавна безбедност при МВР.
„Да оставиме институциите да го решат овој случај па после тоа ќе дадеме можеби заедничка изјава“, изјави Томовски.
Во ревизорскиот извештај за работата на СОЗР се наведува дека по пописот за 2024 година, од времето на претходното раководство, е утврдена разлика помеѓу сметководствената и фактичката состојба за прехранбени производи во висина од 4 милиони 187 илјади денари без предложени мерки за решавање на состојбите.
Во делот забелешките дадени за низок износ на уплатата на дневниот пазар во објектите под СОЗР, Томовски кажа дека кога ја презел работата во Службата, затекнале работа без фискални каси и оти во рок од две недели е отстранет тој проблем.
„Денеска функционираме непречено. Имаме фискални каси и функционираме онака како што треба законски да се функционира. Промет се внесува на дневна основа. Може да се види зголемување на дневниот промет за 310 проценти“, изјави Томовски.
Томовски меѓу другото на средбата со новинарите зборуваше и за тоа дека на државата и е потребен нов државен авион, но оти би требало да има опција тој да се користи и за медицински потреби, во случај итно да треба да се пренесе некој граѓанин на кого му е потребна помош. Исто така, вели дека има потреба и за ново блиндирано возило.
„Јас оваа тема ја држам во јавност повеќе од една година, дека ако сакаме државата да биде сериозна треба да имаме сериозен имот, сериозни возила и сериозен авион. Ние имаме авион кој што е склон на чести поправки и го праќаме на поправки и е премал, има шест седишта и не може да се користи за соодветни делегации. Она што ние го размислуваме е изнаоѓање на начин како да финансираме односно како да набавиме нов авион кој што би бил далеку поголем од овие шест седишта, со над 14 и доколку има можност да има опција за медицински потреби. Тоа произлегува за нужните потреби“, рече Томовски.
Тој посочи и дека државата има само едно блиндирано возило мерцедес, кое се користело од 2017 па до денес, дека е доста старо и оти, смета дека може треба да се набави ново.
„Не сме размислувале за таа работа, но кога ти доаѓаат специфични гости од странство, вие морате да имате и такво специфично возило. Можам конкретен пример да дадам, премиерот Орбан кога беше во посета на Македонија во Охрид си донесе сам блиндирано возило, бидејќи ние немаме такво блиндирано возило односно нашето возило не ги исполнува оние безбедносни протоколи што тие си ги имаат зацртано“, рече Томовски на денешната средба со новинарите.
Во однос на забелешките во ревизорскиот извештај за работата на СОЗР за 2024 година дека постои неусогласеност за работно место „авион-диспечер“ во Одделението за превоз на воздухоплови, на брифингот за новинари од страна на вработените во СОЗР, беше кажано дека откако лицето кое што претходно работело на оваа позиција дало отказ, поедноставно било да се бара ново вработување отколку да се бара унапредување на неговиот помошник. Томовски вели дека тој ја затекнал таа ситуација и бил приморан само да го потпише договорот.
„Не би можел тука да одговорам. Најверојатно тогашното раководство одлучило дека во тој момент најбрзо решение е да постапи така. Јас кога дојдов бев приморан да го потпишам договорот бидејќи во тој договор имаше казнени поени кон институцијата бидејќи била платена соодветна обука за тој диспечер. Јас единствена опција имав само потпипшување на тој договор“, рече Томовски.
Во СОЗР во моментов преку Агенцијата за привремени вработувања има само двајца или тројца вработени, додека во ревизорскиот извештај за 2024 е наведено дека имало 21 лице. Томовски изјави дека тоа била ситуација која во моментот била најнеопходна тој да функционира како директор на Службата.
„Кога ја преземав институцијата немав личност со која можев да направам примопредавање – раководителот на Сектор угостителство си зема одмор и напушти работа, раководителот на финансии си зема одмор, му заврши договорот. Така што јас бев принуден да имам бројката од околу дваесетина вработени преку Агенција за привремени вработувања, од коишто денеска најголемиот дел се преминати на определено работно време. Очекувам дека кога ќе ја добиеме согласноста од Министерството за финансии и овие лица ќе бидат на неопределено“, рече Томовски.
Службата за општи и заеднички работи при Владата распполагала со 220 возила, од нив 104 ги расходувала, а за потребите на државата во иднина треба да се набават нови возила на оперативен лизинг на четири години, но и ново современо блиндирано возило.
„Кога ја преземавме институцијата се водеа некаде околу 220 возила. Кога ја утврдивме фактичката состојба, можам да кажам дека поголемиот дел од тие возила, не само овие 104 за кои заврши постапката за нивно расходување, има поголем дел кои се вон употреба. Меѓутоа тогаш Бирото за проценка при Министерство за правда толку можеше да направи проценка поради времето, а и тие се со ограничен број на вработени, но еве од некаде почнавме. Ќе ја продолжиме постапката да ја оптимизираме употребата на овие возила, да знаеме точно колку е потребно и што е потребно. Ние организираме разни настани па овие возила ни се потребни околу организација на тие настани, дел се за странски делегации, дел се за наша употреба – курирски служби и слично. На лизинг имаме 45 возила, тоа се оние шкода суперб во коишто ги возат министрите, државните делегации и делегациите коишто ги пречекуваме“, рече Томовски.