Министри и градоначалници ќе го убедуваат УНЕСКО да не го стави Охрид на листата на наследство во опасност

1

Ќе добие ли државата уште време или Охридскиот Регион ќе биде годинава запишан во листата на светски наследства во опасност, како што бараат граѓанските организации, ќе се знае по средбите на претставници на македонската Влада и Општините Охрид и Струга со претставници на УНЕСКО.

Како што информираа од Владата, делегација во која се заменик-претседателот и министер за транспорт, Александар Николоски, министрите за надворешни работи, култура и животна средина Тимчо Муцунски, Зоран Љутков и Муамет Хоџа, градоначалникот на Охрид, Кирил Пецаков и на Струга, Менди Ќира, денеска и утре се во дводневна работна посета на Париз на која ќе се сретнат со Калед Ел-Енани, генерален директор на УНЕСКО, како и со други високи претставници на УНЕСКО.

Од Владата велат дека ќе се борат за зачувување на статусот на природното и културното наследство на Охридскиот Регион, бидејќи како што велат државата воспоставува систем за заштита кој гарантира зачувување на интегритетот и автентичноста на Охридскиот Регион како исклучителна универзална вредност.

Владините претставици, на средбите со УНЕСКО ќе презентираат и мерките што ги преземале и ќе се обидат да ги убедат претставниците на УНЕСКО дека се трудат да ги спроведат препораките од реактивните мисии во 2020 и 2024 година и Стратегискиот план за рехабилитација.

Минатата година, УНЕСКО не го стави Охридскиот Регион во листата на светски наследства во опасност и и даде на државата уште една година време да се справи со претераната урбанизација, со девастацијата на природата и нелагалните градби, иако и тогаш немаше забележлив напредок во заштита на едно од највредните културни и природни богатства на земјава.

Потегот наиде на неодобрување кај јавноста и кај граѓанските организации, кои претходно побараа Комитетот за светско наследство да го впише Охридскиот Регион во листата на светски наследства во опасност. Барањето го потпишаа 17 организации од Македонија, 13 од Албанија, една европска мрежа од 15 организации и девет организации од Хрватска, Србија, Бугарија, Австрија и Обединетото Кралство.

Македонски