„Безбеден град“: За една недела регистрирани речиси 5.000 сообраќајни прекршоци, најмногу за брзо возење
Во периодот од 2 до 8 февруари 2026 година, системот за видео-надзор „Безбеден град“ регистрирал вкупно 4.991 сообраќаен прекршок на подрачјата на градовите и долж коридорите каде што се поставени камери, информираат од Министерството за внатрешни работи.
Од вкупниот број прекршоци, 641 мерка се однесуваат на возачи кои управувале возила со странски регистарски ознаки. Најголем дел од евидентираните прекршоци се за пречекорување на дозволената брзина на движење – вкупно 4.674 случаи. Дополнително, регистрирани се 163 прекршоци за минување на затворен сигнал на семафор (црвено светло), како и 154 прекршоци за управување возило со сообраќајна дозвола со изминат рок на важност.
Во наведениот период, изречени се и 288 мерки „забрана за управување со возило“. Од нив, 163 забрани се изречени поради минување на црвено светло, додека 125 мерки се резултат на прекумерна брзина.
Од МВР појаснуваат дека, во рамки на законски дозволеното отстапување на брзината на движење, биле толерирани 22.434 возила.
„Апелираме до сите учесници во сообраќајот доследно да ги почитуваат сообраќајните правила и прописи, со цел заеднички да придонесеме за побезбедни и посигурни патишта“, порачуваат од Министерството за внатрешни работи.