Здравствен проблем на патник причина за вонредното слетување на летот Скопје–Париз во Брисел

8

Здравствен проблем кај еден од патниците бил причината за вонредната состојба на летот Скопје–Париз, поради која авионот беше пренасочен и безбедно слета во Брисел, дознава „Скопје Инфо“.

Според достапните информации, патникот се пожалил на срцеви тегоби додека авионот се наоѓал во воздушниот простор над Луксембург, на околу половина час пред планираното слетување во Париз. Поради сериозноста на состојбата, пилотите побарале итно слетување на аеродромот Шарлроа во Брисел, кој бил најблизок, со цел на патникот навремено да му биде укажана медицинска помош.

Патниците посочуваат дека авионот останал на земја околу 30 минути, по што летот продолжил кон Париз.

Ваквите пренасочувања претставуваат стандардна процедура во случаи кога екипажот проценува дека станува збор за потенцијално животозагрозувачка здравствена состојба со која, и покрај обуката за итни ситуации, кабинскиот екипаж не може самостојно да се справи.

Македонски