Хрватска ќе бара околу 65 илјади сезонски работници оваа година
Хрватска се соочува со сериозен недостиг од сезонски работници, поради што работодавците ја започнуваат потрагата сè порано, а проценките се дека годинава ќе бидат потребни околу 65 илјади работници.
Според ХРТ, странски сезонски работници се бараат уште од октомври минатата година, со цел работните дозволи да бидат обезбедени навреме.
Директорот на Хрватското здружение на хотелиери, Бернард Зензеровиќ, нагласува дека потребата од работна сила е голема.
„Проценките се дека ни се потребни околу 65 илјади сезонски работници. Од нив, се обидуваме што е можно повеќе да обезбедиме од домашниот пазар, но тоа сè уште не е целосно возможно. Очекуваме околу 15 илјади домашни сезонски работници, додека бројот на странски ќе биде на ниво од минатата година – околу 50 илјади“, рече Зензеровиќ.
Истражувањето на порталот „Мој посао“ покажува дека домашните работници почесто се одлучуваат за сезонска работа доколку платата е во просек од 30 до 40 проценти повисока отколку за истата работа на континентот. Најбарани се готвачи, келнери, слаткарки, собарки, рецепционери, аниматори и продавачи.
Мрвац истакнува дека работодавците сè повеќе бараат квалитетен и искусен персонал.
„Станува збор за висококвалификувани работници со искуство, кои носат додадена вредност и го подигнуваат нивото на бизнисот. Таквиот кадар е редок и мора соодветно да се плати. Критериумите се нешто пониски отколку во претходните години – таму каде што порано се бараа пет години искуство, сега често се доволни три“, вели тој.
Зензеровиќ предупредува и на значително зголемување на трошоците за работна сила.
„Од 2019 година до денес, трошоците за работна сила, односно платите во хотелската индустрија, се зголемија за околу 75 проценти, додека приходите пораснаа за околу 58 проценти. Работодавците инвестираат многу во подобрување на условите, квалитетот на сместувањето и во образованието“, истакна тој.
Иако странската работна сила е неопходна, работодавците паралелно се обидуваат да ангажираат и пензионери, ученици, студенти и невработени лица.